МПЦ и официјално автокефална – патријархот Порфириј му го врачи томосот на архиепископот Стефан

Томосот од страна на СПЦ веше врачен на заедничка литургија на двајацата поглавари во Белград. Стефан актот го нарече „чекор од историско значење за целото православие“


Патријархот Порфириј му го врачува томосот на архиепископот Стефан (Фото: Танјуг)

 

На заедничката литургија, српскиот патријарх Порфириј му го врачи официјалниот документ –  томосот, на архиепископот Стефан, со кој Српската православна црква (СПЦ) ѝ доделува автокефален статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија (МПЦ-ОА).

Во томосот за автокефалност, кој беше прочитан во Соборниот храм во Белград, се наведува дека тоа е целосна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што дејствува МПЦ-ОА, како и на дијаспората.

Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, а документот ќе биде доставен и до другите православни цркви.

Архиепископот Стефан рече дека Патријархот Порфириј и Соборот на СПЦ направиле „чекор од историско значење за МПЦ и за целото православие“.

На дело покажавте колку го сакате мирот и хармонијата меѓу браќата, како и целата православна црква“, рече архиепископот Стефан.

„Денеска по благодатта божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува томос“, изјави Порфириј по литургијата во Белград.

Српскиот патријарх по литургијата во Скопје на 24 мај најави дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјалниот акт, што се случи денеска.

На денешната архиерејска литургија во Белград во црквата „Свети Архангел Михаил“ служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ–ОА. На литургијата, освен двајцата поглавари, беа и повеќе архиереи од двете цркви

На заседанието на Светиот архиерејски синод на СПЦ во мај беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ. За таа одлука гласаа сите присутни 42 епископи на СПЦ.

По заедничката литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Соборот, кој „едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ и ја прифати нејзината автокефалност.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Вселенскиот патријарх на 9 мај 2022 година објави одлука за враќање на македонската црква во канонско единство со останатите православни цркви. Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА.

Архиепископот Стефан на заедничка литургија со патријархот Порфириј во Соборниот храм во Скопје обзнани дека Вселенската патријаршија ја прифатила молбата на МПЦ-ОА за сослужение што ќе се одржи во храмот во Фанар на роденденот црквата, на празникот Педесетница (12 јуни). (Бета, МИА)