МПЦ е против Истанбулската конвенција, ја загрозувала жената, рече г.г. Стефан

Во говорот на протестниот собир пред Соборниот храм во Скопје архиепископот рече дека секуларното општество не значело и безбожно општество


Фото: „360 степени“

 

Првиот протестен собир на македонската црква помина со повеќе пораки кои досега се не беа слушнале во македонската јавност и со кои МПЦ-ОА го засилува гардот во одбрана на црковните вредности наместо на толеранција на секуларноста. Иако архиепископот Стефан пред насобраните граѓани пред Соборниот храм во Скопје изјави дека секуларното општество не значи и безбожно општество.

Собирот беше во организација на МПЦ-ОА под мотото „Имаме должност“ во знак на протест против законите за родова еднаквост и матични евиденции за кои се води дебата во јавноста. Архиепископот Стефан се изјасни дека црквата е против Истанбулската конвенција, за која рече дека е дел од идеолошката пропаганда.

На собирот можеа да се видат многу членови на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници на партијата, а лидерот Христијан Мицкоски, кој во тоа време беше на интервју во Канал 5, рече дека тие се против предложените закони и ќе гласаат против во парламентот.

Поглаварот на МПЦ-ОА во својот говор рече дека не треба да веруваме во подобар свет ако во него нема место за Христос и дека измама е во новиот свет што се обидуваат да го изградат треба да ја нема црквата, свет кој ќе биде рај без бог и човекот ќе стане бог.

„И кога најдобронамерно ќе кажеме нешто се обидуваат да нѐ замолчат со секуларниот карактер на државата. Секуларноста на државата секогаш толкувајќи ја спротивно на Уставот, во кој црквата и останатите верски заедници имаат свое место и загарантирани права. Секуларно општетство не значи и безбожно општество“, рече г.г. Стефан на собирот.

Тој појасни дека црквата нема ништо против секуларниот менталитет на секој човек, но според него тоа не значи дека црквата треба да се изопшти од општествениот живот.

„Свесни сме за намерите на некои организации кои влегова во државните институции и дека работат во подготовка на законите, како овие два во чие изготвување учствуваа. Тие не само што целат да ја секуларизираат Црквата, туку сакаат да ја присилат црквата да зборува на некој јазик кој им е туѓ на апостолите, на светите отци и на светото Евангелие“, рече г.г. Стефан.

Тој во својот говор рече го разбираат стравот на родителите за нивните деца ако овие закони станат обврзувачки. Според него, овие закони се дел од нова идеолошка пропаганда, со која се подметнува поимот род, кој се изопачува од она што досега бил.

Тој како дел од оваа пропаганда ја гледа и Истанбулската конвенција, за која рече дека под плаштот на заштита на жената ја загрозуваат токму жената која е столб на семејството и на општеството.

„Јасно и гласно да ја кажеме вистината наспроти професионалните експерти за замена на тези. Со векови во својот поглед кон жената Црквата стои со свештен трепет кон жената, која во кревките раце го држи смеоќниот бог. Пред таа сила треперат и  ангелите и луѓето. Таа на своите гради го храни оној што дава храна на сите. Жената мајка ја дава надежта на светот, љубовта. Жената е икона на љубовта. Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на црквата а ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот. На тој начин го искажуваат насилството врз жената“, рече г.г. Стефан во својот говор, и додаде дека верува  дека жените не сакаат на тој начин и да бидат ослободени од црквата.

Тој додаде дека црквата е полна со смели, успешни и остварени жени, и дека многу од нив се дојдени и на денешниот собир.