МПЦ даде благослов за славење Велигден преку телевизија


Фото: Б. Грданоски

Православните верници Велигден ќе го слават дома, а свечените литургии од црквите и манастирите ќе ги следат на телевизија или, пак, на интернет.

Благослов за ваквиот невообичаен начин на одбележување на Исусовото раѓање даде Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, поради вонредните услови предизвикани од светската пандемија и спречување на ширење на вирусот ковид-19.

-Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите, пишува во официјалното соопштение на Синодот. Оттаму велат дека богослужбите нема да прекинат и црквите ќе бидат отворени за лични молитви на верниците, но дека во верските објекти ќе примаат најмногу до пет лица.

-Светите литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата причест, на начин што е веќе востановен и утврден, се вели меѓу другото во соопштението.

Литургии на Фејсбук и на Јутјуб канал веќе практикуваат  Бигорскиот и Раичкиот манастир кои ги следат голем број верници.

Владиката преспанско-пелагониски Петар, сепак смета дека  социјалните мрежи не можат да бидат замена за литургиите во црква и дека не треба да се прави театар од црквите.На социјалните мрежи се рашири и повик до верниците, во сабота на 18, април, пред Велигден во 23 часот сите да излезат на своите прозорци и со свеќа в раце да го дочекаат Христовото воскресение. А на полноќ, со почеток на биење на камбаните сите во еден глас со песна да се пренесе радоста.