Можно е папата Франциско да ја посети Украина


Папата Франциско денеска изјави дека ја разгледува можноста набрзо да ја посети Украина.

– Не е лесно да се донесе одлука што може да му нанесе повеќе штета отколку корист на остатокот од светот. Морам да го најдам вистинскиот момент да го направам тоа, истакна папата Франциско.

Тој додаде дека следната недела ќе има средба со претставници на украинската Влада во Ватикан и оти со нив ќе разговара за евентуална посета на Украина.

Војната во Украина го принуди Ватикан на деликатна дипломатска акција. Ватикан понуди да посредува во конфликтот, а папата Франциско неколку пати имплицитно го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин поради инвазијата, но не го именуваше. Тој исто така употреби термини како „неоправдана агресија“ и „инвазија“ и изрази жалење за ужасите врз цивилите.