Можни ли се скандинавски избори


ЕРОЛ РИЗАОВ

Скандинавски, или барем пристојни европски избори, би била најдобрата препорака не само за почнување на преговорите со ЕУ туку најсилен доказ за европската припадност и стремеж на Македонија културно, цивилизациски, политички, економски и географски. Веродостојни претседателски избори би ги потврдиле на најдобар начин големината и значењето на промените кои ја ослободија заробената држава, ги урнаа барикадите во односите со соседите и задираат во сите пори на општеството и сè повеќе во свеста на мнозинството граѓани.

Фер политички финиш на натпреварот за претседател на државата би било најголемо охрабрување дека сме на вистинскиот пат со цврста решеност за спроведување на реформите од бриселските поглавја и би ги отстранил сите сомнежи, резерви и оправдувања од нараснатиот страв кај некои членки на ЕУ од партнерството и од европската интеграција на Северна Македонија. Ви звучи премногу утопистички, без ниту еден цврст аргумент. Нели. Досега такво чудо се нема случено кај нас. Да, така е, освен еден аргумент кој не е употребен во кампањите, ама виси како Дамоклов меч. Тоа е стравот од организирање на изборни нерегуларности. Сè уште се тазе пресудите на повеќегодишни казни затвор на партиски моќници и активисти кои учествувале во изборни местенки, кои добија пресуди од вкупно над 20 години затвор. Страв лозје чува, не оти максималните казни за нарушување на изборниот процес изнесуваат до пет години затвор, туку што во судовите почнаа да судат и за вакви тешки кривични дела што беше голема реткост. Казнените мерки би морало да се нагласат многу појасно во јавноста како неопходна строгост кон попречувачите на иднината на земјата и нејзините граѓани.

Но, само стравот, иако мошне е превентивен, не е доволен за спречување на мотивите на уривачите на стратегиските интереси на земјата. Конечно, секогаш можат да се најдат неколку кабадахии и платеници да им го загорчат животот на милиони луѓе. Безначаен е надоместот ако тие и нивните наредбодавци добијат по пет, десет, па и 20 години затвор, а Македонија остане во балканската чекална да чека воз без возен ред. Можат да бидат осудени и на доживотен затвор, од тоа во овој пресуден историски момент ќе нема големо фајде.

Навистина, дали овој пат со оглед на огромното значење, се можни скандинавски претседателски избори за првпат во земјата по прогласување на независноста. Горчливите искуства велат НЕ. На сите досегашни претседателски избори немало ни европски, па ни балкански манири на добро однесување на претседателските кандидати и на политичките партии. Додуша, немало фер натпревар, дури и кога победникот не бил во прашање. Имаше грди слики на полнење и кршење кутии, закани, бугарски возови, па дури и пукање од огнено оружје. Ниту еднаш не видовме меѓусебни честитки на учесниците во изборниот натпревар, а уште помалку меѓу партиските лидери со прифаќање на веродостојноста на резултатите. Обвинувањата за местенки, за нерегуларности редовно се жестоки, а жалбите и тужбите за прегласување се неодминливи. Оценките на домашните и меѓународните посматрачи беа главно лоши, со еден куп неправилности, кои никогаш не се исправија и редовно се повторуваат со нови додавки и криминогени иновации. Сето ова не ни дава за право да очекуваме фер избори ниту по балкански стандарди, а да не зборуваме за европски и скандинавски.

Втората значајна работа на овие избори, кои би ја катапултирале Македонија во Европа ако бидат изборите фер, е поразот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот кандидат Гордана Силјановска-Давкова кои застанаа на погрешната страна на историјата од првиот ден по кандидатурата. Од оваа партија и кандидат не стаса чиста и јасна понуда за европската иднина на земјата. Освен барањето казна од гласачите за најдобриот политички чин од осамостојувањето до денес во независна Македонија, а тоа се договорите со Грција и Бугарија за добрососедство, но и потезите за функционирање на институциите на системот во земјата, друго во врска со стратегиските приоритети на државата не се кажа во јасна форма од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, сите достигнувања и големиот пресврт на меѓународната и на домашната сцена на Македонија со Преспанскиот договор се проблематизираа на митинзи со агресивна и гола пропаганда, со примитивна популистичка кампања за нивна ревизија и преиспитување и со лажно прикажување како загроза на идентитетските обележја на Македонците, на националните и државни интереси. И ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот натпартиски кандидати професор по уставно право Силјановска-Давкова застанаа во одбрана на компромитираното раководство на партискиот врв, зад носителите на криминалот, корупцијата и нарушување на човековите права и слободи, зад семејството кое неконтролирано владееше со државата повеќе од една деценија.

Во еден таков амбиент карикатурално изгледа повикот „правда за Македонија“, главната доктрина на Гордана Силјановска и Христијан Мицкоски. Без признавање и извинување за злоупотребите на злосторничките здруженија во периодот од 11 години нема место за верба дека со избор на претседател на државата ќе завладее правото. Па и досега имавме професор на правен факултет познавач и гатач на тоа што пишува во уставот. И видовме колку може претседателот на државата да придонесе за разгорување на меѓусебна омраза и за создавање тензии до упад во парламентот. Гордана Силјановска-Давкова и Христијан Мицкоски ниту еден член од потесното, ново и старо, раководство на ВМРО-ДПМНЕ не побараа виновниците, особено организаторите да бидат казнети за своите злодела. Постојаното верглање на владеење на правото, нови уставни промени и меѓународни арбитражи се крајно неуверливи, бидејќи пред сè требаше да уследи осуда на организаторите на крвавиот четврток 2017 година, а не со оправдување дека тоа бил спонтан патриотски чин. Не можат да се изедначат во ниедно кривично дело од ваков тип државен удар организаторите, во случајот највисоки државни функционери, поранешен премиер и претседател на Собранието, поранешен министер за внатрешни работи и началник на полиција, кои не интервенирале навремено да се спречи крвопролевањето во кое учествувале припадници на тајната полиција, пратеници и партиски активисти и симпатизери. Тежината на престапот е различна. Што подразбира Силјановска-Давкова кога е против селективна правда и против политичка парламентарна одлука за донесување закон за амнестија. Дали бара владеење на правото еднакво за сите според тежината на престапот и законот, што е праведно, па потоа да се донесе закон со политичка одлука за амнестија, или бара слобода за сите учесници во настаните на 27 април 2017 година. Очигледно во таков случај не би ѝ пречело да се даде општа амнестија која е многу полоша порака за владеење на правото од начинот на кој беше донесен законот за амнестија во парламентот кој оправдано наиде на осуда во јавноста.

Силјановска-Давкова ја заостри својата кампања по објавување на повеќе анкети, но особено по необјавените истражувања на јавното мислење нарачани од ВМРО-ДПМНЕ. По овие сознанија Силјановска ги прифати партиските сугестии и влезе на голема врата во најпримитивната форма на популизам отворајќи болни прашања од историјата, Граѓанската војна во Грција, наведувајќи што ќе се брише од историските читанки, иако добро знае што сè избришаа и не избришаа Германците и Французите по двете светски војни и милиони мртви на двете страни. Историските факти никој не може да ги избрише, но можат и треба да се избришат омразата и труењето на децата со тоа. Можат и треба да избришат идеологијата и фалсификатите од науката.

Гордана Силјановска-Давкова многу бргу ќе осознае, ако веќе и не го знае тоа, дека тие што уште при првиот нејзин политички ангажман како министер ја анатемисаа, на крајот на 20 век, сега во 21 век ја облекоа во вмровски дрес по нејзина определба, ќе ја пуштат со леснотија низ вода како колатерална штета. Нема еволуција во минатото. Тоа е враќање назад. Штета и за неа и за Македонија.