Можни инвеститори за Попова Шапка од Катар, Швајцарија, Италија, Германија и Австрија


За ски-центарот Попова Шапка во игра се потенцијални инвеститори од Катар, Швајцарија, Италија, Германија и Австрија, истакна дека во Тетово, премиерот Зоран Заев, при отворањето на новите простории на Државниот пазарен инспекторат. Во овие преговори вклучена е и намерата и идеја, Попова Шапка заедно со ски-центарот Брезовица од Косово да бидат заедничка понуда до инвеститорите

-Верувам дека ќе се најдат сериозни инвеститори овој одличен туристички потенцијал за развој на државата. Владата на Косово, очекуваме иако е во криза состојба, да дадат согласност, заедно Попова Шапка и Брезовица, заеднички да ги понудиме за развој на инвестиции во скијачкиот туризам, потенцираше Заев.

Според него, јавно-приватно партнерство е поприфатливо за државата. Физибилити студијата овозможува и јавно приватно партнерство и целосна приватизација.

-Јас би ја оставил државата партнер. Затоа што за државата останува трајна вредност, не инвестира пари државата, а има сериозна добивка.  Државата може да ги понуди хотелите, може да ја понуди жичарата, местото, може да понуди концесии, комплетно да бидат наше учество. Приватниот партнер нека инвестира пари, ќе определиме на бизнис план, колку тоа вреди и толку ќе биде процентот за државата. Но, убаво е кога државата  е партнер на приватниот партнер и тоа и дава силина и тежина, затоа сум повеќе за јавно приватно партнерство, рече Заев.

Ова, истакна, е одлична можност за развој на зимскиот туризам.

-Ако се реализира овој проект, зимскиот туризам за нашата Македонија овде на Попова Шапка навистина ќе го смени ликот на државата, имиџот на државата, ќе даде содржини на граѓаните своето слободно време да го посветат на себе на семејствата, бидејќи е неповторлива дестинација. Во Бугарија , Грција и Србија неколку саати се потребно од аеродромите до ски-центрите. Кај нас е во минути, истакна Заев, кој истакна дека за шестоседата жичница инвестицијата е генерално завршена.

Премиерот Заев  верува дека еден од поголемите инфраструктурни зафати во Тетово, пробивање на булеварот Благоја Тоска во 2021 година конечно ќе биде реализиран. 

-Конечно е завршена административната постапка со 29.500.000 денари дадени од Влада, да се плати експропријацијата. Второто се 45/46 милиони денари за реализација на патот од парите на ТАВ: За сите пари општината мора извештај да се достави до Владата за средствата кои мора да бидат оправдани. 2021 година верувам дека булеварот ќе биде изграден. Нема потреба од тендер, сега ТАВ инженеринг директно ги реализира зафатите со свои подизведувачи и тука ќе се заштеди време. Од февруари март може да почне се гради, истакна Заев.

Од средствата за карго аеродором на ТАВ во Штип, кои беа пренасочени во сите општините, за Тетово покрај булеварот, треба да се реконструира гимназијата и уште неколку други помали проекти.