Можете да читате Твитер и Фејсбук цела ноќ и да немате поим што се случува во светот
Натпреварот помеѓу лажните и вистинските вести не е фер затоа што лагата може да се измисли во секунда, а вистинската вест бара време за да се потврди.
Ова го изјави за БГНЕС Томас Кент, специјалист за дезинформации и новинарска етика, претседател и извршен директор на Радио Слободна Европа до 2018 година, професор на Универзитетот Колумбија и двократен поротник на Пулицеровата награда.Томас Кент нагласи дека со појавата на социјалните мрежи ширењето на информациите, без разлика дали се вистинити или лажни, стана побрзо и полесно.
„Медиумите кои објавуваат вистински, а не лажни вести не можат секогаш да реагираат толку брзо. Затоа што кога сте стабилен медиум сакате да ги проверите вашите информации. А лагата може многу брзо да се создаде“, вели поранешниот директор на Радио Слободна Европа.
Тој ги посочи дезинформациите како предизвик за сите земји во светот.
„Ние секогаш сакаме да веруваме во овие вести што одговараат на нашите политички ставови, но реалниот живот е многу покомплициран. Мора да се бориме против овој проток на дезинформации што доаѓаат од политички партии, корпорации или земји“, предупреди тој.
Според него, еден од големите проблеми во моментов е тоа што новинарите немаат доволно професионално искуство, вклучително и во САД. Истовремено, оптимист е за постоењето на новинарската професија.
„Новинарството секогаш ќе постои затоа што можете да читате Твитер или Фејсбук цела ноќ и да немате поим што се случува во светот. Затоа што има толку многу противречности во овие мрежи. Луѓето секогаш сакаат да имаат доверлив извор на информации што може да им даде правилно разбирање за тоа што се случило“, рече Томас Кент.
Тој не советува правилно да ги избереме изворите од кои учиме. „Ние треба да ги избереме не врз основа на идеологијата, туку врз основа на вистината“, додаде Томас Кент.