Можен е договор за СЈО до крајот на мај

Работните групи што преговараат за законот за јавно обвинителство можно е да постигнат договор и да ги усогласат ставовите за статусот на Специјалното јавно обвинителство до крајот на мај, брифираат извори од Министерството за правда.

Ако бидат реализирани ваквите најави, двете страни би постигнале договор пред извештајот на Европската комисија на крајот на мај и со тоа би се испратила порака дека најголемите политички партии се способни да се усогласат за суштинските прашања на земјава. Според роковите што ги кажа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, пожелниот датум до кога партиите треба да се договорат за СЈО е пред извештајот Европската комисија на 29 мај, а последниот воз би бил пред одлуката на Советот на ЕУ.

Во своите последни јавни изјави, министерката за правда Рената Треневска-Дескоска вели дека засега нема напредок во преговорите и вели дека навистина е тешко да се обезбедат 80 пратеници за законско решение кое не смее да вклучи амнестија.

„Свесна бев дека еден од најтешките предизвици во Министерството уште од првиот момент кога влегов ќе биде законот за јавно обвинителство бидејќи вклучува сосема спротивставени интереси и лични интереси на оние што треба да дадат поддршка и да гласаат. Навистина е тешко да обезбедите 80 пратеници околу закон кој треба да содржи одредби за продолжување на постапки од СЈО, кои не смее да вклучи амнестија преку законски одредби и кој треба да даде одржливост на систем на владеење на правото, кој значи гонење криминал“, вели Дескоска.

На нашето прашање зошто власта, по повеќе од два месеца преговарања, не го стави на гласање текстот на законот за јавно обвинителство во Собрание, за јавноста да види кој е „за“, а кој „против“ Специјалното јавно обвинителство, Дескоска кратко ни одговори дека законот е пратен во Собрание пред неколку месеци откако Владата го усвои и веднаш беше објавен на веб-страницата на Министерството за правда. Понатамошната процедура зависи од Собранието, но очигледно тоа зависи од тековните преговори.

Од друга страна, претседателот на Собрание Талат Џафери ни одговори дека предлог-законот не е доставен до Собрание.

„Тие разговараат за тој закон. Како е доставен во Собранието, ако нема усогласен текст? Кога Собранието ќе го добие законот, ќе го има во постапка, нема никаква дилема. Што имам јас со тоа? Кога ќе добијам предлог-закон, има процедура по која постапувам, а кој разговара, што разговара не е моја надлежност. Што сака нека прават“, ни изјави Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда достави амандмани, но најспорен е статусот на СЈО.

Најспорни се постапките кои се покренати по 18 месеци по 30 јуни 2017.

„Токму тие постапки се клучниот камен на сопнување. Што со нив? Во предлогот на Министерството стои дека тие постапки продолжуваат и ќе ги продолжи обвинителството што е надлежно, а според надлежностите тоа е СЈО. Од страна на опозицијата постои барање тие постапки да бидат прекинати и сите докази кои биле собрани да не важат. Кога ќе ги прекинете постапките, има практична неможност после тоа да ги отворате“, вели Дескоска. (Ф.Ф.С.)