Малку се одолговлекува, но унгарскиот кредит ќе биде достапен за сите компании, велат од Стопанската комора


Ставот на Стопанската комора е секоја компанија да може да си го добие кредитот. Можеби малку повеќе се одолговлекува од датумот кога требаше да го добијат, но сепак, ние успеавме во нашата намера дека сите компании ќе учествуваат во добивање на кредитот, изјави денеска проектниот менаџер на Стопанската комора Наташа Јаневска, прашана за став во врска со доцнењето на исплатата на унгарскиот кредит.

Таа потврди дека имаат блиска соработка со Владата, а според последната информација, сите компании можат да конкурираат за кредитот.

Јаневска дополни дека иако се забавува исплатата на кредитот, тие го добиле тоа што го барале преку преговорите, кои биле макотрпни.

– Имаме блиска соработка со Владата и последната информација од таму е дека сите компании ќе имаат можност да конкурираат за добивање на кредитот, што значи дека можат да го искористат за нивните намени и нивните потреби. Се забавува исплатата на кредитот, но ние бевме упорни во тоа, и го добивме токму тоа што го баравме со преговорите кои што беа макотрпни. Успеавме да го добиеме тоа што беше потребно, за сите наши компании да имаат можност да конкурираат за кредитот, рече Јаневска на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна на новинарско прашање дали се потпишани договорите со банките за унгарскиот кредит и кога компаниите ќе може да аплицираат, изјави дека средствата се обезбедени, процесот е во финална фаза и во јануари ќе може тоа да се постигне.

Инаку, Јаневска одговараше на прашања на новинарите, на прес-конференцијата во Стопанската комора која што беше посветена на поткастот „Бизнис клуб“. 

Според продуцентот на овој поткаст, Иво Јанкоски целта била да се инспирираат младите претприемачи кои сакаат да почнат со свој бизнис, преку слушање на реални приказни за успех. Исто така, целта е да се охрабрат младите да тргнат по својот пат во нашата држава, а не да одат во странство.

Првата епизода на овој поткаст се емитуваше на 28 ноември минатата година, а потоа секој четврток се емитува нова епизода во 12 часот, на Јутјуб каналот на Стопанската комора. Јанкоски посочи дека до сега имале осум епизоди, во кои гостувале бизнисмени од различни области, како што е градежништво, безалкохолни пиијалоци, онлајн продажба, маркетинг услуги, тутунска индурстрија, машинска индустрија и многу други.

Како што рече, гостите се сопственици и менаџери на познати компании и тие во разговорот со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески ги пренесуваат своите животни патишта, искуства, како и сите подеми и предизвици низ кои поминале.

Тој информираше дека планот е со овој поткаст да продолжат понатаму до крајот на првата сезона која ќе се одвива до мај оваа година. Како што најави, во вториот дел од поткастот, покрај македонските бизнисмени ќе гостуваат и балкански бизнисмени.