Може ли вештачката интелигенција да ги открие лозинките според звукот на притискање на тастатурата?


Внесувањето лозинка на компјутерот за време на разговор со „Зум“ може да овозможи сајбер-напад, бидејќи вештачката интелигенција (ВИ) може да одреди кои копчиња ќе се притиснат со слушање на звукот на пишување, покажуваат резултатите од студијата објавена како дел од Европскиот симпозиум за Работилници за безбедност и приватност.

Експертите велат дека како што алатките за видео конференции, како што е „Зум“, стануваат се пошироко користени и уредите со вградени микрофони стануваат сеприсутни, така се зголемува и заканата од сајбер-напади базирани на аудио, објави Гардијан.

Истражувачите велат дека создале систем кој може да одреди кои копчиња се притискаат на тастатурата на лаптопот со повеќе од 90 проценти точност, само врз основа на звучните снимки.

„Можам да ја видам точноста на таквите модели, а таквите напади се зголемуваат“, вели Ехсан Тореини, коавтор на студијата на Универзитетот во Сари.

Тој додаде дека паметните уреди кои имаат микрофони стануваат се почести во домаќинствата.

Истражувањето открива како Тореини и колегите користеле алгоритми за машинско учење за да создадат систем кој може да идентификува кои копчиња се притискаат на лаптопот врз основа на звукот.

Студијата наведува дека истражувачите го притискале секое од 36-те копчиња на MacBook Pro, вклучувајќи ги сите букви и бројки, 25 пати по ред, користејќи различни прсти и со различен притисок.

Звуците се снимаа и преку повикот „Зум“ и на паметен телефон поставен на кратко растојание од тастатурата.