Може ли Скопје да остане без вода?

Менаџментот на претпријатието и неговиот Управен одбор во политички клинч. УО не дозволува нови вработувања, а без нив функционалноста на претпријатието е доведена во прашање


Фото: Б. Грданоски

 

„Водовод и канализација“ од Скопје нема пари за да исплаќа плати на привремено вработените, а агенцијата преку која се ангажирани го потрошила буџетот. Претпријатието може да остане без вработените кои се неопходни за функционирање. Па дури и Скопје да остане без вода.

Во писмото кое го добиле вработените од „Водовод и канализација“од страна на менаџментот пишува: „Од 28 ноември нема да ви бидат продолжени договорите за вработување“, пренесува порталот „Градска“.

Шеесет вработени се најдоа на ветрометина поради инаетот на ВМРО-ДПМНЕ и советниците од оваа партија во градот Скопје и членовите на Управниот одбор кои се именувани од истиот совет, а на другата страна се наоѓа градоначалничката Данела Арсовска, која беше избрана токму со вмровската поддршка.

Членовите на УО ги отфрлаат барањата на секторските директори кои алармираат, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го донесат планот за вработување во претпријатието.

Според информациите од дел од раководните структури во претпријатието, скопјани не треба да се секираат. Вода за пиење ќе има.

Пред повеќе од две недели синдикатот СУТКОЗ испратил писмо и до директорот и до првиот човек на Управниот одбор во кое нотира дека работниците се преоптоварени оти недостасува стручен кадар. Синдикатот побарал привремените работници да се вработат на неопределено ако се совесни и професионални.

„Toa би се одразило на нормалното функционирање и извршување на секојдневните работни задачи во претпријатието што доведува до преоптовареност на постојните извршители, неможност за навремено извршување на работните задачи и санација на дефектите на водоводната мрежа на територија на град Скопје. Бараме до крај на 2023 и следната 2024 година да се ангажираат поголем број работници со цел да се релаксира недостатокот на технички персонал“, рече тогаш Столе Кашиковски, претседател на СУТКОЗ

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Макфакс рече:

„Доаѓаме сега за тоа што го зборувам цело време, а тоа е концептот за модерно Скопје. Тој концепт сега во моментов не зависи само од Данела, туку зависи и од политичките партии кои се дел од Советот каде што мнозинство има ВМРО-ДПМНЕ“ изјави Мицкоски.

За утре е закажана седница на УО на претпријатието, а според неофицијални информации се очекува и седница на Советот на градот каде ќе треба да се разговара за овој проблем и тој да се надмине пред 1 декември.