Може ли пандемијата да доведе до златно доба на велосипедизмот?
Велосипедите остануваат безбеден начин за одржување на физичкото и менталното здравје и – доколку е дозволено – за патување до работа
Европа забележува пораст на шемите за поддршка на велосипедизмот, бидејќи владите преземајќи ги првите чекори за олеснување на мерките поради Ковид-19, гледаат да ги заштитат системите за јавен превоз, да го зајакнат јавното здравство и да ги капитализираат придобивките од чистиот воздух.
Берлин, Париз, Брисел и Милано се меѓу најголемите европски градови кои што ја зајакнуваат постојна инфраструктура и таканаречени поп-ап (што се појавуваат) „корона велосипедски патеки“, во бран на инвестиции што вклучува бесплатни поправки на велосипеди, па дури и часови за велосипедизам.
Иницијативите доаѓаат откако премиерот Борис Џонсон ги повика Британците да размислат да го „јавнат седлото“ кога ќе почнат фазно да се враќаат на работа. Анкетата покажува дека 57 отсто од неговите сонародници планираат да го намалат користењето на јавниот превоз заради страв од болести.
И, како што се појавуваат истражувања што ја поврзуваат загаденоста на воздухот со повисоки стапки на смртност од коронавирусот, многу власти ја користат можноста да го прикажат граѓанскиот живот со поздрав имиџ.
Водечка во групата е Франција која одвои 20 милиони евра (21,7 милиони американски долари) за да ги поттикне луѓето да „педалираат“. Министерката за еколошка транзиција Елисабет Борн рече дека сака да види „напредок во велосипедската култура“ во земјата. Нејзиниот пакет овозможува сите граѓани да имаат право на бесплатни поправки на велосипеди до 50 евра во означени места, како и бесплатна обука и повеќе привремени места за паркирање на велосипеди.
Веста доаѓа откако Франција почна да го олеснува она што беше едно од најтешките ставања под клуч во Европа, со тоа што жителите во една од зелените зони на земјата со низок ризик сега можат да патуваат до 100 километри, да се сретнат во групи до 10 лица и да вежбаат надвор подолго од еден час.
Локалните власти во целата земја беа повикани да направат нови патеки и да се зголеми опфатот, во земја каде што 60 отсто од патувањата со автомобили се покуси од 5 километри. Париз – кој се наоѓа во ’црвената зона’, каде што остануваат ограничувањата – планира да им обезбеди на градските велосипедисти 650 километри велосипедски патеки, додека градоначалничката Ана Хидалго воведе делумна забрана за сообраќај на прометната „Ру де Риволи“ за да се направи простор за пешаци и за велосипедисти.
Подготовки за промена
Светската здравствена организација препорачува и велосипедизам и пешачење како идеален начин за исполнување на потребата за физички вежби во време на „заклучувањето“. Некои градови со воспоставена велосипедска култура, како што е Амстердам, работат на прилагодување на зголемувањето на физичката активност во рамки на правилата за социјално дистанцирање. Холандската престолнина – каде што 40 отсто од патувањата се одвиваат со велосипед, споредено со просекот од 2 отсто низ цела Велика Британија – им дозволува на пешаците да одат по патеките за велосипеди, а ги пренасочува велосипедите на улиците, каде што автомобилите сега се должни да се придржуваат кон ограничувањето на брзината од 30 километри на час.
Германските градови користат отстранлива лента и привремена сигнализација за создавање пошироки патеки за велосипеди кои им овозможуваат на велосипедистите да се придржуваат кон социјалното растојание. „Поп-ап“ патеките се создаваат со стеснување на постојните сообраќајни ленти за автомобилите. По успехот во „заљубениот во велосипеди“ Берлин – каде што не го забавија сообраќајот прекумерно – патеките треба да бидат проширени во повеќе од 100 германски градови.
Германија дозволи услугите за поправка на велосипеди да работат низ целата земја во текот на заклучувањето. Три покраини, вклучително и Берлин, ги задржаа и продавниците на велосипеди отворени. Корисните пораки за јавна безбедност вклучуваат насоки за тоа колкаво растојание зад другиот велосипедист претставува социјално дистанциран велосипед (се чини дека одговорот е 20 метри).
Во Вестминстер, британската влада објави итен фонд за активно патување од 250 милиони фунти (307 милиони американски долари) за „поп-ап“ патеки за велосипеди, заштитен простор за возење велосипеди, пошироки тротоари, побезбедни крстосници и велосипедски коридори воведени низ цела Англија. Минатиот месец, шкотската влада објави слично зголемување од 10 милиони фунти за „активна патна инфраструктура“ што вклучува одредба за велосипедисти.
Вестите доаѓаат откако се зголеми продажбата на велосипеди во Велика Британија: „Би-Би-Си“ известува за 200 проценти бум на шемата за користење на велосипеди за одење на работа. Акциите на продавачот на велосипеди „Халфордс“ се зголемија за 23 отсто по извештите за „многу силна“ продажба, додека само во Велика Британија, продажбата на електрични велосипеди на „VanMoof“ скокна за 184 отсто од почетокот на февруари до крајот на април.
Милано: од најтешко погоден до град – модел
Италијанскиот град Милано „со двете раце“ ја искористи можноста да ја преправи својата велосипедска инфраструктура, пренесува „Гардијан“.
Просечното патување во овој мал, густо населен град – главиот град на тешко погодениот регион Ломбардија – е помалку од 4 километри. Ова укажува на тоа дека голем број на луѓе би можеле лесно да се префрлат на возење велосипед и да помогнат да се намалат високите нивоа на загадување во градот.
За да го охрабри ова, градот го претстави својот план „Strade Aperte“ („Отворени патишта“), во кој се прикажани 35 километри дополнителни патеки за возење велосипед и за пешачење, вклучувајќи привремени патеки за велосипеди, ограничување на брзината од 30 километри на час и цели улици резервирани за пешаци и за велосипедисти.
Италија е еден месец пред поголемиот дел од Западот во справувањето со пандемијата, па другите густо населени градови ќе набљудувааат со внимание обидувајќи се да ги променат навиките и да ги зачуваат еколошките придобивки.
Заменик-градоначалникот на Милано, Марко Гранели изјави за „Гардијан“: „Секако дека сакаме да ја отвориме економијата, но мислиме дека треба да го сториме тоа на различна основа од претходно“.
Список на градови во Европа во кои потребите на велосипедистите се приоритет:
Рим планира да направи 150 километри велосипедски патеки бидејќи влегува во втората фаза од повлекувањето на ограничувачките мерки.
Барселона го отстрани паркирањето од 21 километри градски улици за да направи простор за велосипедистите.
Будимпешта создаде привремени патеки за велосипеди и ја намали цената на „BuBi“, општинската шема за споделување велосипеди.
Лестер, во Велика Британија, направи привремена патека за велосипеди до локалната болница како „коридор за клучните вработени“, додека Манчестер издвои 5 милиони фунти за „поп-ап“ патеки и за проширување на тротоарите.
Како што се зголемува пандемијата, велосипедите остануваат безбеден начин за одржување на физичкото и менталното здравје и – доколку е дозволено – за патување до работа. Благодарение на мерките на овие влади кои гледаат напред, велосипедизмот станува се побезбеден. („Светски економски форум“)