Може ли мисијата на Абрамович да донесе мир во Украина

Рускиот олигарх наводно лично се сретнал и со Путин и со Зеленски. А Путин му рекол: „Кажи му на Зеленски дека ќе ги скршам“


Роман Абрамович и Владимир Путин во 2016

 

Минатата среда наутро, приватен авион Hawker 800XP полета од аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, летајќи на исток преку Црното Море и навлезе во рускиот воздушен простор над Сочи. Набргу потоа, во близина на руската бања Минерални Води, тој го исклучил својот радарски уред за следење на летот.

Истиот авион истата вечер полетал од аеродромот „Внуково“ во Москва и се вратил во Истанбул. Во авионот бил Роман Абрамович, руски милијардер и поранешен сопственик на ФК Челзи, кој во разговорите со Украина бил неофицијален пратеник на рускиот претседател Владимир Путин.

Абрамович се состана со Путин во Москва и му донесе рачно напишана белешка од украинскиот претседател Володимир Зеленски во која се наведени условите на Украина за завршување на војната.

Според британски „Тајмс“, Путин налутено му рекол на Абрамович да му каже на Зеленски: „Кажи му дека ќе ги скршам“.

Враќајќи се во Истанбул, Абрамович се сретна со Рустем Умеров, пратеник во украинскиот парламент со кој разговараше за средбата со Путин. „Тајмс“ дознава дека Умеров, поранешен бизнисмен кој зборува и турски и руски, е претставник на Киев во преговорите. Преговарачите одржаа серија состаноци во хотели со пет ѕвезди во Истанбул, координирани од Ибрахим Калин, портпарол на претседателот Ердоган.

И покрај одговорот на Путин на пораката на Зеленски, според дописникот на „Тајмс“ од Истанбул постигнат е напредок во преговорите, а разговорите меѓу украинските и руските претставници се очекува да продолжат оваа недела.

Абрамович и Умеров исто така го посетиле и Киев, каде рускиот олигарх се сретна со Владимир Зеленски. Абрамович патувал со приватен авион кој летал преку полскиот главен град Варшава. Бидејќи неговиот приватен авион е под санкции на ЕУ, Абрамович лета со авион регистриран во турска компанија. Тајните разговори меѓу Абрамович и Умеров се водеа паралелно со состанокот организиран од Турција меѓу Сергеј Лавров и Дмитрој Кулеба, руски и украински министри за надворешни работи, во Анталија на 10 март. Но, на тој состанок не е постигнат напредок.

Роман Абрамович, кој го заработи своето богатство проценето на околу 6,5 милијарди евра во постсоветската приватизација, првенствено е мотивиран од сопствените интереси, но се чини дека му верува и украинскиот претседател Зеленски. Дека е тоа така сведочи и вчерашната изјава на Зеленски, кој меѓу другото рече дека некои руски бизнисмени ѝ понудиле финансиска помош на Украина и нејзината армија.

Зеленски рече дека добил сигнали од неколку руски бизнисмени, меѓу кои и милијардерот Роман Абрамович.

„Добивме сигнали од него и некои други претприемачи кои ни рекоа: ‘Можеме да помогнеме на овој или оној начин, можеме да направиме нешто’“, рече Зеленски, додавајќи дека некои рекле дека се подготвени да помогнат во обновата на земјата по војната. Подготвени сме да ги префрлиме работните места во Украина, живееме во Англија или некаде во Швајцарија, го сакаме тоа. Но, што можеме да направиме за да престанеме да бидеме на списокот со санкции?“ – изјави украинскиот претседател.

Повеќе од дваесет богати Руси моментално се во Турција, каде државјанството може да се купи со купување имот од 250.000 долари. Абрамович ги закотви и своите две јахти во Бодрум, каде што беа пречекани од украинските демонстранти. Иако Абрамович е под санкции на Британија и Европската унија, Турција не наметна ниту една своја мерка.

Извори на „Тајмс“ велат дека Абрамович, откако лично бил сведок на последиците од војната во Киев, е решен да помогне да се стави крај на неа. Мајката на Абрамович, Ирина, е родена во Украина, а неговата ќерка Софија јавно се спротивстави на руската инвазија.

И Велика Британија и Европската унија воведоа остри санкции кон Абрамович поради неговите врски со Владимир Путин и ги замрзнаа средствата под нивна јурисдикција. Но, САД не воведоа санкции за рускиот милијардер. Како што објави „Волстрит џорнал“ во средата, Зеленски побарал од американскиот претседател Џо Бајден да не го санкционира Абрамович затоа што верува дека тој може да посредува во мировните преговори меѓу Украина и Русија.