Може ли Македонија да го заштити културното наследство во услови на војна?
Без Национален регистар на културно наследство невозвожна е заштитата во услови на воени конфликти

Македонија има ратификувано две конвенции за заштита на културното наследство во случај на воен конфликт и што се однесува до нормативната рамка, ние сме добро подготвени. Но, фактичката состојба е дека оперативните елементи не се добро имплементирани, односно во пракса не сме доволно подготвени. Потребна е поголема меѓусекторска соработка и нов оперативен план, изјави Оливера Џартовска Тачевска од Македонскиот национален комитет за заштита на културно наследство во опасност „Син штит“ на Форумот што се одржа во Скопје, насловен „Опасност по културното наследство при воени конфликти – состојби, обврски и мерки за заштита“, во соработка со Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) и со НУ Музеј на Република Македонија.
Целта на форумот беше да се евалуираат состојбите во кои се наоѓаме и како до подобра превенција и фактичката заштита на културното наследство во случај на вооружен конфликт.
Потребен е меѓусекторски конктакт, разговор и дијалог меѓу сите релевантни институции – Министерство за култура, Министерство за одбрана, Управата за заштита на културно наследство, затоа што во случај на воени кризи тие имаат главна носечка улога.
Заштитата во светски рамки е поразителен. Од минатиот месец, откако започна воениот конфликт меѓу Израел и Хамас, во Газа се уништени повеќе цркви и други сакрални објекти, а нема информации за заштита на културното наследство од страна на експерти. А, во почетокот на руската воена агресија врз Украина, според информации на Меѓународниот „Син Штит“, само еден музеј во Киев успеал да ги евакуира своите артефакти.
– Со Хашката конвенција од 1954 година се дава една нова хуманитарна нота во меѓународното право со цел заштита на културното недвижно наследство во случај на војна, а во 1999 година се случува и нејзиниот втор протокол. Македонија како супцесор на Југославија ја наследи, односно ја ратификуваше Хашката конвенција уште во 1997 година, а вториот протокол кај нас стапи на сила во 2000 година. Што се однесува до нормативната рамка за заштита на културното наследство во случај на вооружени кризи и конфликти ние сме добро подготвени, имаме многу добра подлога, изјави Џартовска Тачевска .
Според неа, краткотрајниот оружен конфликт во 2000 година покажа дека мета на деструкција е и културното наследство и тоа беше момент во кој многу експерти од областа на заштитата се заинтересираа да се постави база на формирање на добра подлога со цел фактичка заштита на културното наследство.
-Во тој период е формиран „Син штит“, Управа за заштита на културно наследство кои опфаќаат повеќе ингеренции. Тогаш се донесоа и повеќе правилници во нашата лислатива. Нормативната рамка е добра, но фактичката состојба е дека оперативните моменти и елементи не се сосема имплементирани, додаде Џартовска Тачевска.
Претседателот на МНК ИКОМ Благоја Варошанец информираше дека од 1999 година сите музеи имаат правилници и тајни локации за сместување на нивните предмети, во случај на воен конфликт. Но посочи, предност имаат предмети од прва категорија на културно наследство.
-Во правилниците се предвидени предметите од прва категорија на културното наследство и тоа во зависност од музејот. Бидејќи работам во Музејот на современа уметност можам да ви кажам дека само десетина до 15 отсто од уметничките дела се ставени во тој најтесен круг за згрижување во тајните локации обезбедени од Министерството за одбрана, полицијата, народна одбрана. Дел од тие институции повеќе не се функционални. Народната одбрана во случајот не функционира, изјави Варошанец пред форумот.
Во случај на воен конфликт, како што посочи, треба да функционираат резервните офицери, да се регрутираат и да се добијат возила од Армијата. Тоа е, како што рече, голем ланчен план кој што треба да се имплементира во случај на воени услови.
-Меѓутоа, во денешно време не знам колку тие планови се функционални и колку тие тајни локации се подготвени во случај да дојде до несакани воени дејствија да ги примат тие дела и какви се условите на тие тајни локации. Не е само да се сокријат, туку треба да имаат и добри услови за чување на предметите кои се од прва категорија културно наследство. Тие од прва категорија се во најитните мерки. Подоцна, се складираат и сите други предмети, додаде Варошанец.
Валентина Блажевска Андоновска од Министерството за одбрана потврди дека со оглед на потпишаните конвенции, но и со нашиот Закон за заштита на културното наследство ние како држава теоретски сме многу добро подготвени. Во однос на тоа каква е состојбата во пракса, подвлече, тука ингеренциите треба да се бараат кај Министерството за култура.
Доколку надлежните институции не спровеле превентивни мерки, со план за зачувување на културното наследство во услови на војна, согласно вториот протокол од Хашката конвенција, чиј потписник е и Македонија, „Син штит“ и УНЕСКО стекнуваат право во брза постапка да поднесат список на артефакти што би се ставиле под засилена заштита.