Може ли да го плати Македонија тоа што го бара Трамп во НАТО?


Лидерите на НАТО се договорија денес во Хаг да стават потпис на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголемат издвојувањата за одбрана на 5 отсто од БДП до 2035 година. Таква обврска презеде и Македонија, па прашањето е колку е тоа во годишен износ и може ли да го плати нашата држава.

На социјалните мрежи се појави првата реакција според која „немаме учебници, немаме завои во болниците ама ќе треба да одвојуваме 5% од БДП годишно за НАТО“, иако тоа е за одбрана на Македонија. Пресметката е дека Македонија ќе треба да издвојува 834 милиони евра  годишно за да одговори на барањата.

И додека нашите функционери се на фото сесија во Алијансата и од таму праќаат само фотографии, бугарскиот премиер убаво објасни каква обврска презеле земјите членки. Според него нема никаква годишна обврска за 5 отсто од БДП, туку таа цел треба да се достигне во дадениот рок до 2035 година.  И, ако се чита внимателно, испаѓа дека директните издвојувања за одбрана ќе бидат не 5 туку 3,5 отсто (Македонија веќе издвојува над 2 отсто) а остатокот ќе се троши и на цели кои можат да се поврзат со одбраната, како сајбер безбедност, иновации  или слично. Еве што објави бугарскиот премиер по самитот во Хаг: 

„Од планираниот повисок удел во одбраната, 3,5% ќе бидат основни трошоци за одбрана, а 1,5% ќе бидат обезбедени за дополнителни трошоци поврзани со одбраната, како што се инвестиции, технологија, трансфер на знаење, инфраструктура со двојна намена. Нема годишни задачи, важно е целта да се постигне до 2035 година“, истакнал Жељазков.

Премиерот посочи дека ќе се подготви национален план за инвестиции во одбраната и ги побива стравувањата дека трошоците за одбрана ќе бидат на сметка на други клучни сектори.

„Во националниот план, сè ќе биде напишано без да се премине на такви егзотични идеи“, рече Жељазков. Според неговите зборови, трошоците не можат да бидат причина за загриженост, туку само недостатокот на приходи. Економијата секогаш мора да гарантира раст и зголемување на бруто домашниот производ, потсети премиерот.

Според него, важно е НАТО да ги прошири своите одбранбени капацитети со цел да се спречи агресивно однесување кон Алијансата, како и кон секоја од земјите што се нејзини членки.

„НАТО е посилен и пообединет, при што раководството на САД изгледа многу посилно отколку што изгледаше на почетокот на оваа година“, додаде Жељазков.

Премиерот, исто така, ја истакнал важната улога на НАТО во Западен Балкан, каде што штетните и хибридни напори на Русија наоѓаат плодна почва, што според него е очигледно од однесувањето на некои од земјите во регионот. (С.Ј.)