Може ли Америка воопшто да го напушти НАТО?
Законот за национална одбрана од 2024 година постави ограничувања за претседателот да не може еднострано да ги повлече САД од НАТО без двотретинско мнозинство во Сенатот или одобрение од Конгресот
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го отвори прашањето за повлекувањето на САД од НАТО, овој пат со многу посериозен тон отколку претходно, во услови на војна со Иран и зголемени тензии на Блискиот Исток. Во интервју за британски „Телеграф“, тој рече дека сериозно размислува за таков потег, нарекувајќи го НАТО „тигар од хартија“ и тврдејќи дека алијансата повеќе не функционира како што треба.
„НАТО денес е непрепознатлив. Никогаш не ме убедил. Отсекогаш знаев дека тие се тигар од хартија, а Путин го знае тоа“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека САД им помогнале на други земји, вклучително и Украина, иако, како што вели, тоа „не било наш проблем“.
Трамп во интервјуто се осврна и на Велика Британија. „Вие воопшто немате морнарица. Премногу сте стари и имавте носачи на авиони кои не работеа“, рече тој.
Трамп рече дека без САД, НАТО нема вистинска моќ.
„Без САД, НАТО е тигар од хартија! Тие не сакаа да учествуваат во борбата за спречување на Иран да добие нуклеарно оружје. Сега кога таа борба е воено добиена, со многу мал ризик за нив, тие се жалат на високите цени на нафтата што се принудени да ги плаќаат, но не сакаат да помогнат во отворањето на Ормускиот теснец“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој додаде дека отворањето на Ормускиот теснец е „едноставен воен маневар“ и ги обвини сојузниците за кукавичлук. „КУКАВИЦИ, и ние ќе го ЗАПАМЕТИМЕ тоа“, рече тој.
Трамп претходно се закани дека ќе го напушти НАТО, но тогаш во различен контекст. Порано оваа година, тој не ја исклучи оваа можност за време на спорот околу Гренланд, територија што му припаѓа на Данска, но која Трамп ја смета за клучна за американската безбедност.
„Не би ви кажал што сум подготвен да направам, но Гренланд е исклучително важен за националната безбедност“, рече тој во тоа време.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во вторникот изјави дека Вашингтон веќе гледа „целна линија“ во војната со Иран, која сега е во петтата недела. Тој исто така рече дека САД ќе мора да го преиспитаат својот однос со НАТО по конфликтот.
„Гледаме целна линија. Не е денес, не е утре, но доаѓа“, изјави Рубио за Фокс њуз.
Рубио рече дека Иран и САД разменуваат пораки и дека постои можност за „директна средба“.
„Се разменуваат пораки, разговорите се во тек. Постои можност за директна средба во одреден момент“, рече тој.
Рубио рече дека „ниту една влада или земја во светот во моментов не прави ништо што би му помогнало на Иран на начин што би ја попречил нашата мисија“.
Тој додаде дека Вашингтон ќе мора да го преиспита својот однос со НАТО по војната со Иран.
„На крајот на краиштата, тоа е одлука што претседателот мора да ја донесе и тој ќе мора да ја донесе“, рече Рубио.
„Но, мислам дека, за жал, ќе мора да преиспитаме дали овој сојуз, кој добро ѝ служи на оваа земја веќе некое време, продолжува да служи за таа цел или дали станал еднонасочна улица каде што Америка е во позиција да ја брани Европа, но кога ни е потребна помош од нашите сојузници, тие ни го негираат правото да користиме бази и прелети“, додаде тој.
Предлогот на Доналд Трамп предизвика реакции од другите членки на Алијансата. Германската влада вели дека ваквите изјави на американскиот претседател не се нови.
Портпаролот на германската влада ги коментираше повторените коментари на Трамп. „Ова не е прв пат тој да го прави ова, а со оглед на тоа што ваквите изјави се повторуваат, веројатно можете сами да ги процените последиците“, рече портпаролот на прес-конференција. „Не е моја работа да ги коментирам зборовите на американскиот претседател овде. Во име на германската влада, само сакам да кажам дека, секако, ние сме посветени на НАТО“, додаде тој.
И француската влада одговори на критиките на Трамп.
„Дозволете ми да ве потсетам што е НАТО. Тоа е воен сојуз кој се занимава со безбедноста на евроатлантскиот регион“, изјави државната секретарка за одбрана Алис Руфо на конференција во Париз. „Алијансата не е дизајнирана да спроведува операции во Ормускиот теснец, бидејќи тоа би претставувало кршење на меѓународното право“, објасни таа.
НАТО е основан во 1949 година како колективен одбранбен сојуз на западните земји, а денес има 32 члена. Неговиот основачки принцип е вграден во Член 5, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите.
Соединетите Американски Држави се клучна сила во рамките на алијансата уште од нејзиното основање, и воено и политички. Без нив, НАТО би изгубил голем дел од својата моќ и кредибилитет. Затоа експертите предупредуваат дека дури и доведувањето во прашање на посветеноста на Америка кон алијансата има сериозни последици.
Иако Трамп зборува за евентуално излегување, таков потег не е лесен. Законот за национална одбрана од 2024 година постави ограничувања за претседателот да не може еднострано да ги повлече САД од НАТО без двотретинско мнозинство во Сенатот или одобрение од Конгресот.
Правните експерти истакнуваат дека Трамп би можел да се обиде да ги заобиколи тие ограничувања со повикување на своите овластувања за надворешна политика, но тоа речиси сигурно би довело до институционален конфликт меѓу Белата куќа и Конгресот. Во таков сценарио, судовите веројатно би го имале последниот збор.
Постои и историски преседан: во 1978 година, претседателот Џими Картер ги повлече САД од одбранбениот договор со Тајван, но тогаш немаше таква правна пречка.
Некои аналитичари веруваат дека Трамп ја користи заканата за повлекување како алатка за преговори, особено во контекст на долгогодишните поплаки дека европските земји не трошат доволно за одбрана.
Но, други предупредуваат дека ситуацијата сега е поинаква. За разлика од претходните спорови, сегашниот контекст вклучува војна со Иран, дестабилизација на клучните енергетски патишта и отворени несогласувања во рамките на западната алијанса.
Во такви околности, изјавите на Трамп повеќе не се перцепираат како политички притисок, туку како реална можност што би можела да ја промени глобалната безбедносна архитектура. Затоа прашањето повеќе не е само дали Трамп би можел да го стори тоа, туку што би значело таков потег за Европа, НАТО и целиот меѓународен поредок.