Моторџиите на протест заради малите казни за виновниците во сообраќајки со жртви


Под мото „Правда за Гоце, правда за сите“ моторџиите денеска протестираа на скопските улици против неправедните судски одлуки.

Протестот следи по пресудата за сообраќајната несреќа кај Млечен во која пред две години загина 32-годишниот Гоце Димитриевски, а неговата сопруга Наташа го загуби нероденото бебе и е со трајни телесни последици.

Судот донесе одлука во која Васил Чорбаџиев, кој премина преку две полни линии и удри во моторот на Гоце, доби условна казна откако ја призна вината.

Судиите и обивнителите со своите одлуки да не поттикуваат хаос и дивеење по улиците во земјава, порачаа моторџиите.

Моторџиите кои пред Млечен му одадоа минута почит на Димитриевски, од пред Кривичен суд упатија и апел до скопска Апелација, да ја преиспитаат пресудата за загинувањето на Димитриевски, но и сите други ослободителни или условни пресуди за слични дела.

-Сведоци на недозволиво казнување на поединци кои вршат сериозни сообраќајки со фатални последици. Секој може да предизвика незгода, но секој треба да одговара за постапките и да добие правичен третман од судство. Изминати години сме сведоци на многу македонски мотоциклисти кои гинат, а сторителите поминуваат неказнето, изјави моторџијата Благој Мартиновски.

На протестот дојде и сопругата на Гоце, Наташа Димитриевска која побара поголема свесност на учесниците во сообраќајот. Таа неколку пати претходно се обиде да ја добие правната битка за Гоце, но со последната одлука на Советот на јавни обвинители се оцени дека обвинителката постапувала правилно во процесот.

– Ова денес е организирано од мотороџиите, од клубови, федерација. Ако нас не не слушнат, народот ќе излезе, рече Димитриевска.