МОТ вечерва со две претстави: Младите ја изгубија вербата во хуманистичките вредности

Авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“ вечерва гостува на Младински отворен театар во Скопје. Претставата ќе се одигра во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Оваа хрватска претстава удира во желудник и тера на размислување целиот нареден ден. Покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ-револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајбер-универзумот и смртта.

Претставата настанува според мотивите на истоимениот роман на австрискиот книжевник Еден фон Хорват и делото „Херои“ на левичарот, постмарксистички италијански професор по комуникологија Франк Берард, наречен Бифо, кој го отсликува духот на изместена Европа во која под налет на популизмот и десницата се уништуваат основните начела.

Претставата е во продукција на „ЗКМ театар“ и „Монтажстрој“. Текстот и драматургијата е на Борут Шепаровиќ и Ивана Вуковиќ, а сценските движења на Дамир Клемениќ. За сценографијата покрај Шепаровиќ се погрижи и Конрад Мулвај. Улогите ги толкуваат: Ракан Рушаидат, Борис Барукчиќ, Луција Дујмовиќ, Ивана Гулин, Уго Корани, Иван Пашалиќ и Бернард Томиќ.

Од 22 часот МОТ се сели на малата сцена во Националната опера и балет, каде што гостува битолскиот народен театар со претставата „Бакхи“ во режија на Игор Вук Торбица.

„Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, ‘Бакхи’ се издигнува поради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхи-те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни. Можеме да кажеме дека ‘Бакхи’ е прапочеток на ‘метатеатарскиот’ текст.

Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, ‘божественото’ доаѓа во облици што не сме спремни да ги прифатиме и да ги препознаеме“, се вели во најавата.

Улогите ги толкуваат Маја Андоновска-Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.