МОТ: Половина од работната сила во светот се соочува со губење на приходите


Фото: Б. Грданоски

На светско ниво, над 436 милиони компании се соочуваат со голем ризик од сериозни прекини. Овие компании работат во најпогодените економски сектори

 

Најновите податоци на Меѓународната организација на трудот за влијанието на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 врз пазарот на трудот покажуваат поразителни ефекти врз работниците во неформалната економија и стотитици милиони компании низ светот.

Продолжениот остар пад на работните часови на глобално ниво, како резултат на избувнувањето на КОВИД-19, значи дека 1,6 милијарди работници во неформалната економија – што е скоро половина од глобалната работна сила – се соочуваат со непосредна опасност од губење на приходот за живот, предупредува Меѓународната организација на трудот.

Според „Третото издание на Мониторот на МОТ: КОВИД-19 и светот на работата“, губењето на работните часови во тековното (второ) тримесечје од 2020 година се очекува да биде значително полошо од претходната процена.

Во споредба со нивоата пред кризата (Т4 2019), сега се очекува влошување од 10,5 проценти, што е еквивалентно на 305 милиони работни места со полно работно време (при 48-часовна работна недела). Претходната процена беше пад од 6,7 проценти, што е еквивалентно на 195 милиони работници со полно работно време. Ова е резултат на продолжување и проширување на мерките на вонредна состојба.

По региони, ситуацијата е влошена за сите поголеми регионални групи. Процените покажуваат загуба на работни часови од 12,4 проценти во второто тримесечје во Северна и Јужна Америка (во споредба со нивоата пред кризата) и 11,8 проценти во Европа и Централна Азија. По нив следат процените за останатите региони, кои се над 9,5 проценти.

Влијание на неформалната економија

Како резултат на економската криза создадена од пандемијата, речиси 1,6 милијарда работници во неформалната економија (кои претставуваат најранлива категорија на пазарот на трудот), од вкупно 2 милијарди на светско ниво и глобална работна сила од 3,3, милијарди, претрпеле огромни штети на своите можности да заработат за живот. Ова е резултат од мерките на вонредна состојба и/или поради тоа што работат во најпогодените сектори.

Првиот месец од кризата се проценува дека резултираше со пад од 60 отсто во приходот на неформалните работници на глобално ниво. По региони – пад од 81 процент во Африка и Северна и Јужна Америка, 21,6 проценти во Азија и Пацификот, и 70 проценти во Европа и Централна Азија.

Без алтернативни извори на приход, овие работници и нивните семејства немаат средства да преживеат.

Компаниите во ризик

Опсегот на работници кои живеат во земји со препорачано или задолжително затворање на работните простории е намален од 81 на 68 проценти изминатите две недели. Падот од претходната процена од 81 проценти во второто издание на мониторот (објавено на 7 април) главно е резултат на промените во Кина; на други места, мерките за затворање на работните простории се зголемени.

На светско ниво, над 436 милиони компании се соочуваат со голем ризик од сериозни прекини. Овие компании работат во најпогодените економски сектори, вклучително околу 232 милиони во трговија на големо и мало, 111 милиони во производство, 51 милиони во угостителство и туризам, и 42 милиони во недвижности и други деловни активности.

Потребни се итни мерки

МОТ повикува на итни, наменски и флексибилни мерки за поддршка на работниците и бизнисите, посебно на помалите компании, работниците во неформалната економија и ранливите категории.

Мерките за економска реактивација треба да вклучуваат зголемување на бројот на работни места, поддржани со посилни политики и институции за вработување, сеопфатни системи за социјална заштита со подобри ресурси. Меѓународната координација на пакетите за стимулација и мерките за олеснување на долговите, исто така, ќе бидат критични за ефективно и одржливо заздравување. Како рамка може да послужат меѓународните стандарди за трудот, кои веќе имаат статус на трипартитен консензус.

„Со развојот на пандемијата и кризата со работните места, потребата да се заштитат најранливите е сè поитна“, вели Гај Рајдер, директорот на МОТ. „За четири милиони работници, немањето приходи значи немање храна, сигурност и иднина. Милиони компании низ светот едвај дишат. Немаат заштеди, ниту пристап до кредити. Ова се вистински лица на светот на работата. Ако не им помогнеме на овие претпријатија сега, тие едноставно ќе исчезнат“