МОТ денеска и на театарската сцена во Велес


Во рамките на 44. издание на интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, вечерва на сцената на театарот „Јордан Х.К-Џинот“ во Велес ќе се изведе претставата „Злосторството на 21 век“ од британскиот автор Едвард Бонд, а во режија на Владимир Милчин.

„Злосторството на 21 век“ е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од најважните живи драмски автори, длабоко контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството, како и неговите теории за драмата.

Текстот е напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век и тоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.

Во претставата настапуваат актерите Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова. Преводот на текстот од англиски јазик е на Владимир Милчин и Ема Маркоска-Милчин, сценографијата за претставата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупуческа, а автор на музиката е Марјан Нечак.

„Злосторството на 21 век“, која премиерно беше изведена во мај годинава, е прва театарска продукција на велешкиот театар од програмата за 2019 година, поддржана од Министерството за култура. Билетите за нејзината фестивалска изведба на МОТ се веќе во продажба на билетарницата на театарот и на МКЦ во Скопје.
На програмата на МОТ вечерва во МКЦ во 20 часот ќе се изведе и португалскиот перформанс „Привремени фигури“ по идеја на Ренцо Барсоти, а во режија на Марко Мартинс.

Називот на перформансот употребен во статистички истражувања за да се класифицираат сите мигранти, чија положба и статус се недефинирани или привремени, а кои во тој момент работат во Велика Британија.

„Привремени фигури“ е кулминацијата на двегодишен проект работен со португалската заедница „Great Yarmouth“, повеќето од нив доселени во градот во периодот од 2009 до 2014 година, за да работат на плантажи за производство на храна во Норфолк. Искористувајќи ја влошената состојба на овој крајбрежен град, кој е поранешен омилен ресорт за одмор, користат хотели и полунапуштени карвани за да ги сместат своите нови работници. По неколку месеци работа во „Great Yarmouth“ со девет жители од различни националности, Мартинс носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и приспособување“, се вели во најавата.

Попладнето во 18 часот во кино „Култура“ ќе се одржи и предавање на Мајк ван Гран. Тој е претседател на Африканската мрежа за принципи во културата и добитник на награди за неговото творештво, со 33 драми со негов потпис. Во моментот е на резиденција на универзитетот во Преторија каде што му беше одобрен почесен докторат во 2018 година, со признание за неговиот културен активизам и креативна работа. Предавањето и дискусијата се организираат во соработка со „Локомотива“ – Скопје како дел од програмата „Уметност, политика, институција, тело“.

Вечерта од 22:30 часот во МКЦ ќе има концерт на хрватскиот бенд „Шумски“. Бендот е основан во 1991 година од Корнел Шепер и Марин Јурага, а статусот на култен загрепски бенд им го донесе нивниот поинаков и сосема единствен звук, настанат под влијание на цела низа музички стилови, од афро, краут, нов бран, авант-поп, прог-рок па сè до музика од цртани филмови.

Билетите за претставите и концертите може да се набават на билетарницата на МКЦ или онлајн.