Мостра од септември се враќа во киносалите


Италија– Венецискиот филмски фестивал, познат како Мостра, по цели десет години ќе се отвори повторно со италијански филм. Се работи за остварувањето „Лаци“ (Lacci) на Даниела Лучети. Заплетот на филмот ќе ги однесе гледачите назад во италијанскиот град Неапол во осумдесеттите години, а улогите во овој филм ги толкуваат: Алба Рохравахер, Луиџи Ло Касио, Лора Моранте, Силвио Орландо, Џована Мезогиорно, Адријано Џанини и Линда Кариди.

“Неодамна се прашувавме што ќе се случи со кинoсалите и филмовите. Но, од друга страна, филмовите ни дадоа чувство на удобност за време на карантинот. Научивме многу важна работа: Филмовите, сериите и романите се работи кои се незаменливи во нашите животи”, рече Лучети.

Поминаа повеќе од десет години откако овој фестивал се отвори со италијански филм. Последен пат тоа се случи во 2009 година, кога Венецискиот филмски фестивал се отвори со филм на режисерот Џузепе Торнаторе „ Baaria“.

Венецискиот филмски фестивал ќе го одржи 77. издание во физичка форма, засега првиот од големите кои се враќаат во киносалите од почетокот на коронакризата. Од 2-12 септември, во киносалите на Мостра ќе играат 62 филма од 50 земји.

Годинава претседател на жирито е Оскаровката Кејт Бланшет.

„Лаци“ ќе биде прикажан на 2 септември.