Мостот на „Љубљанска“ готов до крајот на годината


Фото: Б. Грданоски

Новиот модерен мост на „Љубљанска“, кој ќе ги поврзе улиците „Илинденска“ и „Скупи“, но и општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Шуто Оризари, ќе биде готов кон крајот на годината.

Широк е 24 метри, има четири коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни и претставува вистинско архитектонско решение, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. Заедно со генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, извршија увид во градежните работи на мостот „Љубљанска“ во Општина Карпош.

За изградбата се одвоени повеќе од 6,2 милиони евра.

„Задоволен сум од динамиката со која се врши изградбата, бидејќи долната конструкција на мостот е завршена и моментално се работи на горниот дел. Веќе е завршено и бетонирањето на главните носачи, попречните носачи и плочата помеѓу крајниот и средниот столб и во наредниот период ќе се поставуваат скелиња за поставување плоча помеѓу столбовите. По завршувањето на работите, ќе добиеме модерен мост. Очекувањата се работите на мостот да се финализираат кон крајот на оваа година“, посочи Битиќи.

За динамиката на започнатите проекти од ТАВ програмата, вицепремиерот наведе дека реализацијата е над 76 проценти. Од вкупно 82 започнати проекти во вредност од 49,7 милиони евра, завршени се 60 инфраструктурни проекти во разни општини низ државата, а тековно се работи на 22 други. Реализацијата на останатите 10 проекти ќе почне деновиве, најави Битиќи.

Според Курт, мостот ќе биде голема придобивка за локалните заедници, а ТАВ како аеродромски оператор, покрај аеродромското работење како главна дејност, придонесува и за развојот на локалната инфраструктура во Македонија.

Инаку, преку ТАВ програмата се градат водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, односно инфраструктурни проекти кои се значајни за граѓаните.