Мостот на Црна Река ќе се санира за 60 дена, а можеби ќе се гради и нов

„МЖ - Транспорт“ не си ја врши работата, од почетокот на идната година ќе ги отвориме вратите за други оператори, вели министерот Благој Бочварски


 

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска рече дека очекува железничкиот мост на Црна Река да биде саниран за 60 дена, но не ја исклучи и можноста од изградба на нов, траен мост.

Увидот покажал, нагласи Бочварски, дека темелот е во многу лоша состојба. 

„Она што го добив како информација по увидот, е дека темелот е во многу очајна и лоша состојба и таму ќе биде потребна поголема и потемелна санација што ќе ја утврди проектантот и секако, Градежниот факултет, со цел да влеземе веднаш во постапка и очекувам дека во наредните 60 дена ќе се изврши санација, а доколку има можност и реализација на комплетно нов мост што ќе биде траен, за да не ни се случуваат вакви пункнатини на една од главните транзитни точки на Коридорот 10“, истакна министерот денеска во Прилеп.

Ги чекаме анализите од експертите и стручните лица за потоа, појасни Бочварски, Владата, а секако и Министерството и Јавното претпријатие да донесат заедничка одлука во кој правец ќе одиме, која реконструкција ќе ја почнеме за да се операционализира овој проект и да се врати сообраќајот во нормала и во движење.

Бочварски додаде дека „Македонски железници – Транспорт“ не ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него. Поради тоа, во Собранието е законот за либерализација на превозот, на железничкиот сообраќај и тој очекува по неговото изгласување, веќе од почетокот на наредната година да се отворат вратите за други оператори од регионот кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги. Со тоа ќе ја подобриме и конкурентноста и конкуренцијата, а и граѓаните и компаниите ќе видат бенефит.

Бочварски истакна дека години и децении наназад „Македонски железници – Транспорт“ работи тешко, во тешки услови, со финансиска поддршка од Владата, за да може да реализира одреден број линии од оперативниот план.

„Факт е дека до пред две години Владата како субвенции за оваа претпријатието исплаќаше шест-седум милиони евра годишно за одреден број линии за патничкиот сообраќај. Минатата година финансиски помогнавме 15 милиони евра, а ова година очекувам поддршката да стигне некаде до 25 милиони евра. Сега ќе го поставам прашањето – дали граѓаните се задоволни од тоа што го прави ‘МЖ – Транспорт’ и дали ние како Влада сме задоволни? Апсолутно и граѓаните и Владата, сите заеднички ќе констатираме дека тоа претпријатие не ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него“, напомена министерот. (МИА)