Мостот „Љубљанска“ во Карпош ќе добие финална форма до крајот на годината


Мост „Љубљанска“ (Фото: Б. Грданоски)

Мостот „Љубљанска“ во општина Карпош ќе добие финална форма до крајот на годината, беше нагласено денеска при увидот на градежните работи од премиерот Димитар Ковачевски, генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт и градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Премиерот Ковачевски рече дека Град Скопје треба да го заврши поврзувањето на мостот, од двете страни. На едната страна со булеварот „Илинденска“, и на другата страна од мостот. 

– На реализацијата на овој проект изведувачите неуморно работеа во изминатиот период, период од една година можеме слободно да кажеме дека работите се изведуваа според планот и дека конечното архитектонско решение на овој мост ќе добие своја финална форма до крајот на годината. Се надевам дека жителите од Карпош, Ѓорче Петров и сите овие населени места околу Вардар, ќе уживаат во придобивките на модерна и безбедна патна инфраструктура која ја обезбедуваме насекаде каде што треба да се инвестира. Во наредните месеци ќе добиеме модерен мост со широчина од 24 метри со 4 коловозни ленти, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни. Долната конструкција на мостот е веќе завршена и моментално се работи на среднишниот горен дел, чиешто бетонирање на завршниот дел од горната конструкција е планирано да заврши во текот на идниот месец, изјави Ковачевски.

Од увидот на мостот на „Љубљанска„ (Фото: Б. Грданоски)

Тој појасни дека сите столбови и сите основни елементи на мостот се веќе завршени, а подизведувачот моментално работи на поставување скелиња на горниот дел.

Тој додаде дека тие и понатаму ќе продолжат да ги поддржуваат сите проекти од локално значење, „без разлика на кој градоначалник, од која политичка партија доаѓа, бидејќи се работи за граѓаните и подобрување на нивниот живот“.

Неџат Курт, генералниот директор на „ТАВ Македонија“ изјави дека компанијата, како аеродромски оператор и како општествено одговорна, се грижи за локалните заедници.

– Важната улога во подобрувањето на секојдневието на граѓаните нѐ прави нас особено горди. Среќни сме што ве гледаме и сведочиме за напредокот на мостот „Љубљанска“ затоа што сме биле тука и претходно и гледаме дека има доста напредок од пред извесно време. Проектот за изградба на мостот „Љубљанска“ со своето значење во однос на патното поврзување и полесниот транзит низ двата дела на градот, ќе создаде голема предност и бенефит за луѓето и за заедниците и ќе претставува во исто време модерна урбана инфраструктура, со што градот Скопје ќе може да се гордее. Нашата одлична соработка и комуникација со Владата и со локалните власти продолжува со исто темпо и со иста цел, а тоа е позитивното влијание врз општеството, нагласи Курт.

Од увидот на мостот на „Љубљанска“ (Фото: Б. Грданоски)

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски рече дека е фасциниран од она што го слушнал, дека цената е само шест милиони евра за „вака витален капитален објект“.

– Ова посебно има значење за развој на населбите Злокуќани и Бардовци, коишто со изградбата на овој мост и инфраструктурното поврзување на улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“ или „Ацо Шопов“ добиваат на квалитет, на динамика, на цена, а со поврзувањето евентуално со улицата „Словенечка“ секако дека тука се поврзуваат и останатите општини од северниот дел на градот Скопје. Ние како локална самоуправа за овој дел од општината, веќе подготвуваме два нови урбанистички планови, со тоа што со изградбата на овој мост, практично овозможуваме целосен развој на овој дел од општината, значи делот на Злокуќани и уште еднаш би сакал да ја поздравам изградбата на вака витален капитален објект. Особено ми е задоволство што и клучката кај Момин Поток и овој мост овде се веројатно во градот Скопје двата најскапи објекти коишто се градат, а коишто извонредно ќе придонесат за забрзување и поголема динамика на сообраќајот, како и поголема комуникација меѓу граѓаните не само на Карпош, туку од цело Скопје, нагласи Јакимовски.

Мост „Љубљанска“ (Фото: Б. Грданоски)

За изведба на градежните работи на мостот „Љубљанска“, задолжени преку програмата на Владата и преку „ТАВ“ изведувачите кои беа избрани се од земјава, меѓутоа и подизведувачи од Франција. Издвоени се над 6.200.000 евра, а со мостот ќе се поврзат општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Шуто Оризари преку другите сообраќајници кои гравитираат кон овој мост.