МОСТ: Одзивот на гласачите до 16 часот бил 34,8 отсто


Невладината организација МОСТ ги објави бројките од текот на претседателските избори до 16 часот, од нивните набљудувачи на гласачките места.
Според податоците, одзивот на гласачите до 14 часот бил 26,3 отсто, до 15 часот бил 30,6 проценти и до 16 часот бил 34,8 проценти.
На гласачко место во Куманово, гласач гласал и сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидлив спреј, поради што била повикана полиција, по што лицето било обележано со спрејот.
На гласачко место во Чешиново Облешево, настанала расправија меѓу двајца набљудувачи на различни кандидати. Едниот го обвинил другиот дека им асистира на гласачите во која просторија да го остварат своето гласачко право. Во расправијата се вклучиле и други набљудувачи на кандидатите, по што интервенирала полицијата и ги легитимирала двајцата кои се расправале и ги отстранила од гласачкото место. За време на целиот настан гласањето се одвивало без проблеми.
На гласачко место во Прилеп, околу 13.30, во период од 10 минути, двајца членови на избирачкиот одбор биле отсутни, при што набљудувачи на кандидатите присутни на гласачкото место ги обележувале гласачите со спреј и гласањето се одвивало без проблем, а настанот не бил заведен во записникот.