МОСТ: Нападот врз страницата на ДИК отвора сомнежи за испланирано сценарио


Граѓанската асоцијација МОСТ оценува дека предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули минале во фер и демократска атмосфера.

„Граѓаните повторно учествуваа во изборен процес во кој слободно можеа да ја изразат својата волја. Изборната администрација ефикасно го спроведе гласањето под посебни здравствени протоколи поради пандемијата на Ковид-19, со што граѓаните можеа безбедно да го остварат своето право на глас“, наведуваат од МОСТ.

Од таму порачуваат дека во текот на изборниот ден биле забележани само неколку случаи на неправилности кои не влијаеле на квалитетот на изборниот процес.

Изборна кампања

Од граѓанската асоцијација ценат дека изборната кампања поминала во генерално релаксирана атмосфера со иклучок на случаите на негативна кампања и користењето на националистичка реторика.

Злоупотреба на државни ресурси

Од МОСТ посочуваат дека државната комисија за спречување на корупцијата постапила по шест приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и три приговори поднесени од непознат подносител во однос на потенцијална злоупотреба на државните ресурси.

„Прифатени беа два приговора од ВМРО-ДПМНЕ. ДКСК ја продолжува позитивната практика од претходните избори во однос на постапувањето по евентуалните прекршувања“, се наведува во оценката.

Избирачки список

Во јавноста и овој пат се појавија шпекулации поврзани со Избирачкиот список, кои беа во насока на нарушување на довербата во изборниот процес, ценат од МОСТ од каде ги охрабруваат надлежните институции да продолжат поефикасно да ги отстрануваат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список, посебно во однос на стандардизирање на податоците за адресите и координацијата помеѓу надлежните институции.

Изборна администрација

Во оценката на граѓанската асоцијација стои дека ДИК во текот на изборниот процес работела во ефикасна и колегијална атмосфера.

Од таму ценат дека Комисијата треба да продолжи да ги зајакнува техничките капацитети, така што на сите заинтересирани граѓани ќе им овозможи да ги следат седниците без никакви пречки.

„ДИК постапуваше по 42 приговора за предвремен почеток на изборната кампања, при што ги одби сите, со образложение дека нема доволно докази за постапување, но од прилозите и написите во медиумите беше јасно дека одредени учесници предвреме ја почнаа изборната кампања“, констатираат од МОСТ.

Во однос на хакерскиот напад на веб-страницата на ДИК за резултатите од изборите, МОСТ цени дека тајмингот во кој бил изведен овој напад дава индиции за сомневање дека се работи за однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес.

Правна рамка

Веќе стана вообичаено Изборниот законик да се менува непосредно пред изборите, на оваа практика треба да престане, сметаат од МОСТ и апелираат по завршувањето на изборите да продолжи сеопфатниот и инклузивен процес на изборни реформи којшто беше спроведен во 2019 година од Министерството за правда, и во кој ќе бидат имплементирани и останатите препораки на домашните и меѓународните набљудувачи.