МОСТ ќе ги следи изборите со повеќе од 1.500 набљудувачи

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи утрешните избори со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи со што ќе се покријат 33 отсто од вкупниот број гласачки места во земјава.

-Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ ќе распореди и 100 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија, беше речено на прес-конфереција.

Покрај утрешното гласање, МОСТ денеска го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор.

Како и на претходните изборни процеси, МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување. Жолтите маички со кратки ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано „Monitoring 2019“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.

Во текот на изборниот ден, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.

МОСТ ќе ги соопшти сите потврдени информации од набљудувањето на гласањето на денот на изборите на четири прес-конференции, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот. По завршувањето на гласањето ќе биде закажана дополнителна прес-конференција на која ќе биде објавена проекцијата на резултатите добиена од програмата од паралелното пребројување на гласовите.

Фото: Б. Грданоски