Москва ѝ се нафрли на Хрватска и ја обвини за „милитантна русофобија“
Причина за нападот е што Загреб одби да дозволи „хуманитерен лет“ за протераните руски дипломати
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во понеделникот го нападна официјален Загреб, обвинувајќи ја хрватската влада дека „систематски, со упорност што би било подобро искористена за нешто покорисно, развива антируска линија, упорно и систематски ги уништува билатералните односи, буквално се спушта до интриги“.
Причина за ова е што Загреб одби да дозволи „хуманитарен лет“ од Москва за транспорт на голема група руски дипломати и членови на нивните семејства во Русија, што Хрватска неодамна го прогласи за непожелни и им даде две недели да си заминат од земјата. Се работи за 18 дипломати и 6 членови на административниот персонал на руската амбасада во Загреб.
„Во налетот на милитантната русофобија, официјален Загреб отиде толку далеку што целосно недипломатски, грубо и кршејќи ги меѓународните комуникациски стандарди, одби да организира хуманитарен лет за евакуација на поголема група вработени во руската амбасада во Хрватска, заедно со нивните семејства, вклучително и мали деца. Станува збор за луѓе на кои хрватските власти целосно неразумно им наредија да ја напуштат државата“, рече Захарова.
„Ваквиот нехуман и крајно исмејувачки однос кон нашите сограѓани нема да помине без соодветен одговор“, заклучи Захарова.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги коментираше обвинувањата од Москва, демантирајќи дека има некаква русофобија и говорот на Захарова го нарече „пропаганда на Кремљ“.
„Мислам дека овие луѓе веќе ја напуштија Хрватска, со лет од Белград“, рече Пленковиќ.
„Нема русофобија, но има многу јасен став дека Русија е испровоцирана од ништо, незаконски и кршејќи ги сите правила на меѓународното право и поредок и вредностите зад кои стоиме, ја нападна Украина и ние одговараме на тоа“ рече Пленковиќ.