Морган Стенли: САД може да избегнат рецесија во 2023 година, но Европа не


 

Економиите на Велика Британија и еврозоната веројатно ќе западнат во рецесија следната година, но САД би можеле за влакно да ја избегнат благодарение на отпорниот пазар на трудот, соопшти инвестициската банка Морган Стенли.

Очекуваното повторно отворање на Кина по речиси три години задржување на Ковид 19 треба да резултира со закрепнување на нејзината економија, како и на другите азиски пазари во развој, проценуваат аналитичарите на инвестициската банка.

За 2023 година предвидуваат раст на глобалната економија од 2,2 отсто, што е под најновата проценка на Меѓународниот монетарен фонд за раст од 2,7 отсто.

За следната година, Морган Стенли предвидува поделба меѓу развиените економии „во рецесија, или блиску до неа“, додека економиите во развој „скромно ќе закрепнат“.

Се проценува дека кинеската економија ќе порасне за пет отсто следната година, над очекуваниот раст од 3,7 отсто за пазарите во развој, додека просечниот раст во групата 10 развиени земји е проектиран со стапка од само 0,3 отсто.

Централните банки ширум светот ги зголемија каматните стапки оваа година за да ја ограничат инфлацијата. Морган Стенли проценува дека во САД Банката на федерални резерви ќе ги задржи високите стапки во 2023 година бидејќи инфлацијата ќе остане висока откако ќе го достигне врвот во четвртиот квартал од оваа година.

„Економијата на САД за малку ќе избегне рецесија во 2023 година, но слетувањето нема да биде толку меко поради значителното забавување на растот на вработеноста, додека стапката на невработеност ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот, кој предвидува раст на американскиот БДП од 0,5 проценти во следната година.