Моравјецки најавува дерусификација на полската и европската економија


 Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска во Варшава го претстави новиот пакет мерки за борба против инфлацијата, растот на цените на храната и енергенсите, како и последиците од санкциите против Русија врз полските компании, наречени „Анти-Путин штит“ и најави „дерусификација“ на полската економија.

– Таа војна предизвикува огромни економски превирања, огромни проблеми. Владата одлучи да создаде „Анти-Путин штит“. Го нарекуваме така затоа што во таа војна предводена од Путин се акумулираат многу проблеми, рече полскиот премиер на прес-конференција.

Првите мерки од тој пакет се насочени кон сузбивање на инфлацијата и запирање на растот на цените на храната, бидејќи, како што рече премиерот, веќе е јасно дека растот на цените ќе биде динамичен и голем.

– Ќе се занимаваме со дерусификација на полската и европската економија, бидејќи денес Полска е на чело на оние земји кои се обидуваат да ги инспирираат другите да се ослободат од зависноста од рускиот гас, нафта и јаглен. Владимир Путин целосно се откажа од нормалните правила на економските односи. Уценувањето со гас, користењето на суровините како елементи на војна, и тоа веќе не психолошка војна, туку едноставно војна, потенцираше полскиот премиер потенцирајќи дека е неопходно спротиставување на војната со цените и војната во Украина.

Моравиецки најави дека Полска повеќе нема да зависи од рускиот гас од следната година, благодарение на Балтичкиот гасовод од Норвешка и зголемувањето на капацитетот на терминалот за течен гас во Свиноујшче во западна Полска, како и изградбата на уште еден пловечки терминал во Гдањск.

– Сето тоа треба да помогне во дерусификацијата на полската и европската економија. Тоа ќе чини пари, но тоа е цената да се биде или не во Европа. Нè чекаат економски турбуленции, но ние сакаме да излеземе од тоа посилни, поотпорни на уценувањето со цените. Правиме се за да го запреме Путин. Изборот е јасен – или сме на страната на слободата, суверенитетот, правото на државата да се брани или некој е на страната на Путин, изјави Моравјецки.