Мораториумот на Богдановиќ версус „Шанса за Центар“


Граѓанската иницијативата „Шанса за Центар“ од денеска собира потписи за учество со независна граѓанска листа за Општина Центар за претстојните локални избори, а планираат да бидат противтежа на големите политички партии кои излегуваат со свои кандидати, затоа што сметаат дека одлуките за активностите на локалните власти не треба да се донесуваат зад затовреи врати.

Платформата беше претставена од поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска, која ја предводи листата и кандидатите за советници Дивна Пенчиќ и Јане Димески.

Тие велат дека ќе инсистираат идните планови да не се изработуваат зад затворени врати и во интерес на само малкумина. Плановите мора да бидат резултат на анализи, по мерка на жителите и со приоритет на заедничкиот пред личниот интерес. Тие мора да се спроведуваат правично и законски, еднакво за сите, без попусти за никого.

Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ се чуди на ваквите тврдења на поранешната претсдателка на Советот на општината Јана Белчева затоа што смета оти таа била сведок дека сите одлуки во општината се носеле транспарентно, со одлука на Совет, со консултирање на јавноста на јавни дебати.

– Сите одлуки кои ги носи Општината се во полза на граѓаните. За таа цел, уште во нашата предизборна програма, ветивме дека ќе го сопреме градежното „дивеење“. Ние почнавме со заедничко делување, да смениме Детални урбанистички планови, да ослободиме простор, да пренамениме маркици од градежно земјиште – во паркови, детски игралишта, односно јавен простор кој ќе го користат сите граѓани. Воведовме мораториум на градба, а во меѓувреме сменивме девет урбанистички планови – вели Богдановиќ за „Независен весник“.

Потенцира дека на тој начин во Општина Центар, досега се ослободени 14.000 метри квадратни простор, на кој според старите ДУП-ови, била планирана изградба на згради, катни гаражи и други високи објекти.

– Тоа што Уставниот суд го укина мораториумиот , не го коментирам. Тоа е највисок орган и неговите одлуки не треба да се коментираат, но затоа пак, јас како градоначалник се обидувам да најдам други законски решенија, за Центар да остане пристојно место за живеење – вели Богдановиќ.

Градоначалникот објаснува дека не е точно оти Центар ќе стане еден голем паркинг, како што се тврди.

– Пример за тоа е улицата „Орце Николов“, која во моментот се реконструира и каде единствено станарите на околните згради ќе може да паркираат, а воедно се изведува велосипедска патека, се поставува урбана опрема и друго. На тој начин ќе се реконструирата и улиците „Ленинова“ и „Мирослав Крллежа“ – вели Богдановиќ.

Потсетува дека додека Белчевска беше дел од Советот на општината, СДСМ како политичка партија и советничката група ѝ давале поддршка, а таа решила да ја напушти претседателската функција во Советот, од само нејзе познати причини.

– Во Одделението за урбанизам и просторно планирање, како и во Комисијата и во партиципативното тело учествуваа дел од луѓето кои ќе бидат на нејзината независна листа за советници. Секогаш сме биле отворени за соработка и сме ги поддржувале идеите – вели Богдановиќ.

Денеска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека Наташа Котлар, доктор по компаративна историја е кандидат за градоначалник на Центар. Актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ Саша Богдановиќ, сѐ уште ја нема потврдено кандидатурата за уште еден мандат.  

Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври. Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб-страница, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници.(Б.Б.)