Мораториумот ќе го смири УНЕСКО: Струга има повеќе дивоградби од Охрид


Градската депонија ќе се затвори за околу една година, за девет месеци ќе се повратат нелегално изградените плажи до Калишта, а кон крајот на 2021 година ќе почне рушењето на сите дивоградби во струшкиот регион. Дотогаш, прогласена е времена мерка за забрана на тврди градби.

Ова се клучните поенти што Струга планира да ги спроведе за да го задоволи барањето на Владата согласно препораките на УНЕСКО, за да се сочува статусот на Охридското Езеро како заштитено природно и културно наследство. Акцискиот план изгласан со поддршка од сите партии не беше доволна причина на седницата да се појави и градоначалникот Рамиз Мерко.

Мерко отсутен и без право на глас

„Тој не сакаше да присуствува ниту на седницата ниту на координативниот состанок што го имаа партиите. Тоа е помалку изненадувачки бидејќи главно доаѓа на сите седници. Сепак, неговото присуство не е задолжително, тој и онака нема право на глас“, коментираат советниците во Општина Струга.

На координативниот состанок биле присутни градежните инспектори во градот и тие се изјасниле оти за кратко време можат да подготват список на сите дивоградби во Струшкиот Регион. Неофицијално, нивниот број бил поголем дури и од оние во Охрид, каде што се констатирани 409 објекти без дозвола. Инспекторите добија задача да ја достават листата најдоцна во октомври годинава.

Иако акцискиот план го поддржаа и советниците од опозициските партии, тие се уверени оти целта била само да се замачкаат очи оти општината е подготвена да се справи со дивоградбите.

„Гласавме ‘за’ за да нè не обвинат оти сме против УНЕСКО, но планот каков што е изготвен е целосно неприменлив. На пример, депонијата ќе била дислоцирана во текот на 2020 година, односно откако ќе се изгради регионална депонија. Сите знаеме оти ниту ќе се изгради нова депонија ниту оваа ќе се дислоцира. Отстранувањето на градбите е предвидено кон крајот на 2021 година и тоа е само декларативно наведено, оти дотогаш ниту оваа влада ќе биде на чело на државата ниту овој градоначалник ќе владее со Струга“, вели Ален Деребан од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот колега од СДСМ, Ацо Ѓуроски, потенцира оти проблемите со дивоградбите во Струга не настанале преку ноќ, туку опстојуваат најмалку десетина години.

„Ова е првпат Владата и општината да бараат начин како да го средат хаосот. Акцискиот план го подготвивме по консултации со инспекторите од сите служби. Добивме уверување оти задачите што ги предвидовме можеме да ги реализираме. Заедно со колегите од сите партии ја утврдивме динамиката на исполнување на задачите и верувам дека доколку се сака – ќе се направи“, нагласува Ѓуроски.

Според него, дислокацијата на актуелната депонија би можела да оди бргу ако државата почне да ја гради новата регионална депонија кај Дебрца, како што беше предвидено од порано.

Прво регионална депонија, па дислокација

„Пред две години добивме средства за дислокација на депонијата, дури и најдовме изведувач, но целата работа сопре, затоа што не се изгради регионалната депонија. Депонијата сега е конзервирана и нема проблем со палењето. Според планот, депонијата во Струга би била само претоварна станица, тука би се товарел отпадот и потоа би се пренесувал во регионалната депонија“, објаснува Ѓуроски.

На 19 јули годинава, градоначалникот Мерко ѝ пиша на Владата дека ги отстапува надлежностите на општината во областа на урбанизмот, издавањето дозволи за градба, легализација на објекти, концесии и спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО на владините институции. Тој обвини дека против него и против Струга се води негативна кампања и тврдеше оти откако дошол на чело на градот, не била изградена ниту една дивоградба.

„Имајќи ја предвид мојата отвореност и транспарентност како човек кој доаѓа од бизнис-заедницата, за кој последните случувања и неможноста да им излезам во пресрет на бизнис заедницата и граѓаните на општина Струга, да им помогнам да го развиеме нашиот град и да опстоиме во неговиот развој, како градоначалник одлучив да ви ги отстапам ингеренциите. Се надевам дека вие како централна власт со вашите капацитети ќе имате подобро разбирање и визија за потребите на бизнис заедницата и општина Струга“, напиша Мерко.

Советниците во Општина Струга ќе речат дека тоа писмо нема никаква вредност, затоа што градоначалникот не смее самостојно и без одлука на советот да ги предава ингеренциите. И Владата во Скопје не го прифати тоа, па им остави време на двата града крај Охридското Езеро да подготват акциски план и да кажат како мислат да се справат со стотиците дивоградби. Премиерот Зоран Заев се закани дека доколку општините немаат капацитет или се плашат да почнат со рушење, ќе интервенира Владата.

Рамиз Мерко вчера не одговараше на телефонските повици. Во екот на предупредувањата на УНЕСКО, тој замина во Охрид и ја отвори пицеријата дивоградба во центарот на Охрид на советникот Нефи Усеини. Од ДУИ и натаму нема решителна најава за рушење на дивоградбите. Општина Охрид го изгласа акцискиот план минатата недела.

Горан Адамовски