Мораториум на градби на територија на Општина Охрид до донесување на Планот за УНЕСКО


Со 20 гласа „за“, двајца воздржани, советниците Нефи Усеини и Џемаил Мена, Советот на Општина Охрид на денешната седница ја изгласа Одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

-Особено ме радува фактот што како охриѓани покажавме заедништво и единство за теми кои се од клучнен интерес за нашиот Охрид. – изјави по изгласувањето на одлуката градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Со одлуката всушност се воведува времен мораториум за градба. Сите постапки, пак, со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација.

Со усвојувањето на одлуката започнуваме со реализација на активнстите од Акциониот план. Тоа значи дека од денес се воведува времен прекин на спроведување и донесување на урбанистички планови урбанистичко плански документации, архитектонско урбанистички проекти на територијата на општина Охрид. Исто така времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на одобрение за градење, надградба и доградба после стапување во сила на оваа одлука. Сите постапки со добиено правосилност за градење можат да продолжат со постапка. – објасни градоначалникот Георгиески.

Градоначалникот Георгиески изрази надеж дека институциите во спроведувањето на Аксискиот план за исполнување на барањата на Реактивната мисија на УНЕСКО ќе ја добијат неопходната поддршка од граѓаните, невладините оргнизации и медиумите за исполнување на сите препораки со што Охрид ќе продолжи да биде град на УНЕСКО.

Предложената одлука не се однесува на барања за:
-извод од план
-решение за измени во тек на градба
-промена на инвеститор
-реконструкција, адаптација и пренамена
-решение за градби за кои не се издава одобрение за градење.
Оваа одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти, исто така и за отпочнати постапки за одобрение за градење, изградба, надградба и добрадба, се вели во изгласаната одлука.
Предлог одлуката не се однесува на реализација на проекти и градење на објекти и изведување на работи од јавен интерес од локално значење, односно за:
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита;
– градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ;
– градење на трамвајски пруги;
– градење на објекти за противпожарна заштита;
– градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување;
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи;
– градење на катни гаражи;
– градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта;
– градење на меморијални споменици и спомен обележја.

Во одлуката се предлага времен прекин на сите постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на општина Охрид.

Одлукате ќе се применува до донесување на Планот зa управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион или најдоцна до 01.02.2020 година.