„Морам да ви ја кажам вистината“: Шварценегер испрати порака до рускиот народ


 

Актерот и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, испрати порака до рускиот народ по инвазијата на Украина – велејќи дека мора да им ја „каже вистината“ за причините на нивната влада да оди во војна.

Во видео-пораката споделена од неговиот профил на Твитер, холивудската легенда се обрати и до руските војници, велејќи им: „Вашите животи, вашите екстремитети, вашата иднина се жртвуваат за бесмислена војна што ја осудува целиот свет“.

Во деветминутното видео Шварценегер ја изложи својата историја со Русија и рече дека „силата и срцето на рускиот народ“ отсекогаш го инспирирале.

Дел од целта на видеото беше да се обидат да ги направат руските војници посвесни за околностите околу конфликтот, рече тој.

„До руските војници кои го слушаат ова, веќе знаете многу од вистината што ја зборував. Сте го виделе со свои очи. Ова не е војна за одбрана на Русија што ја воделе вашите дедовци или прадедовци. Ова е нелегална војна“.

Обраќајќи му се директно на рускиот претседател, Шварценегер вели:

„На претседателот Путин му велам: Вие ја започнавте оваа војна. Вие ја водите оваа војна. Вие можете да ја запрете оваа војна“.

Шварценегер, кој порасна во Австрија, претходно изјави дека неговиот татко се борел во Ленинград за време на Втората светска војна и дека остатокот од својот живот го поминал борејќи се со физичка болка и чувство на вина од она што го доживеал таму.