Морачанин: Ана Петровска сакаше да го дискредитира ДОМ и не успеа


Ние јасно кажавме уште пред почетокот на изборите рековме дека ние не располагаме со гласовите на граѓаните. Гласовите се нивни. Не е наше да повикуваме да гласаат за кого било. Ова нема да ја разниша владината коалиција, вели Маја Морачанин, претседателка на партијата ДОМ, во „Утрински брифинг“.

-Ние јасно кажавме дека остануваме дел од владината коалиција. Ние со нашите тројца пратеници со ЛДП не се дел од никакво преструктуирање на парламентарното мнозинство и тоа се шпекулации. Јасно ја слушнавме и пораката и критиките од граѓаните. Тоа покажува дека сме биле во право кога рековме дека мора да направиме промени оти тоа го бараат граѓаните.Секоја политичка партија е посебен политички субјект и нормално е секој да излезе сам на избори. Ние имаме своја програма и личности кои ќе ја спроведат таа програма и затоа излеговме заедно со ЛДП како движење а не со СДСМ. Задоволни сме со постигнатите резултати, 26 илјади гласови за нашите градоначалници не е малку, вели Морачанин.

На забелешката дека една од независните, Ана Петровска, претходно беше членка на ДОМ и освои поголем процент на  гласови од Бени Шакири кој беше нивен кандидат за Град Скопје, Морачанин вели дека во политиката мора да сте искрен и чесен кон граѓаните и не може едно да ветувате, а во институциите друго да правите.

-Таа потфрли во инспекторатот како директорка и тоа беше причина за нејзино разрешување, по што таа излезе од партијата. Сега инспекторатот покажува одлични резултати. Ана Петровска имаше намера да го дискредитира ДОМ како партија и не ѝ успеа, кажа лидерката на ДОМ.