Мора да сме одговорни и во однос на ликвидноста на буџетот, вели Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека освен кон граѓаните, мора да се одговорни и во однос на буџетот, ликвидноста, но и на стабилноста на финансискиот систем.
-Ние ги следиме трошењата ги следиме движењата на цените во текот на сите периоди во годината, бидејќи едни се ценовните притисоци во текот на зимските месеци други во текот на пролетни, летни, есенски и т.н. Така да, согласно движењата, согласно со побарувателите мерките ќе бидат како и до сега навремено подготвени и навремено презентирани се со цел да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, повторувам, тие сега ќе бидат потаргетирани и ќе можеме да ги насочиме кон оние кои што најмногу им се потребни, рече Ковачевски во гостувањето на Канал 5 телевизија.
Затоа, како што посочи, мерките се дизајнирани дел да бидат продолжени до крајот на годината, како што и продолжуваат, а дел да бидат редизајнирани и на нив работат Министерствата за економија и за финансии.
Премиерот истакна дека со ребалансот на буџетот издвоени се 72 милиони кои што се резерва за антикризни мерки.
-Една од улогите на буџетот и на фискалната политика е прераспределбата на средствата во државата кон точките каде што треба да бидат инвестирани или кај точките каде што треба да дадат најголема поддршка на оние кои што во даден момент им е најпотребно. Мислам дека тоа е најсоодветниот одговор, додаде Ковачевски.
Премиерот потсети дека за да се спречи ценовен шок во делот на храната Владата ги замрзна цените на производите. Како што додаде, беше зголемена минималната плата, а зголемување од 15 отсто ќе добијат и наставниците и негувателите за кое е веќе постигнат договор со СОНК. Зголемувањето на платите за универзитетските професори исто така е планирано во буџетот.