Мора да се работи Македонија да ги исполни обврските за ЕУ, вели Антонио Коста


Антонио Коста

 

Мора да работимe за целосно исполнување на обврските на Северна Македонија, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори и колку побрзо се спроведат реформите и се исполнат сите критериуми, толку побрзо ќе го завршиме процесот на проширување и секој од партнерите од Западниот Балкан ќе влезе во Европската унија, порача денеска претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста во интервју со група новинари од Западниот Балкан, меѓу кои и дописникот на МИА од Брисел.  

„Секако, неопходно е да се почитува она што Северна Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме дека Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов Северна Македонија формално да ги отвори преговорите. Имам голема почит кон напорите што Северна Македонија ги направи во минатото за надминување на пречките, особено со Грција. Тоа е земја кој дури го промени своето име за да ги надмине овие пречки“, нагласи Коста во одговор на прашање на МИА. 

Во врска со рокот поставен од неговиот претходник Шарл Мишел, кој 2030 година ја постави како цел за прием на нови членки во ЕУ, Кошта рече дека како што нагласи и во неговиот инаугуративен говор при преземањето на функцијата кон крајот на минатиот месец, тој не верува во „вештачки календари“. 

„Најважно е сите да сфатиме дека имаме малку време и дека го имаме чувството за итност. Со секој изминат ден на луѓето од Западниот Балкан ќе им биде потешко да веруваат дека, всушност, еден ден ќе го завршиме овој процес (на пристапување)“, порача Коста. 

Тој додаде дека не може да каже дали тоа ќе се случи за една, за три години или за четири години, но фокусот мора да се стави на тоа што треба да се направи врз основа на тоа чувство за итност. 

Според него, во проширувањето постојат две димензии – преговорите меѓу Европската комисија и кандидати за членство и едногласното одобрување од сите земји членки, па затоа треба да се почитува и оценката на секоја членка и средбите треба да се искористат искрено да се зборува лице в лице, да се постават тешките прашања, да се дадат тешките одговори и да се направат обиди да најде заеднички јазик, со цел да се трасира патот за одење напред.  

Во врска со оценките дека е потребно ЕУ да се реформира за да биде подготвена за прием на нови членки, Коста истакна дека прашањето што треба прво да се направи – проширување или внатрешни реформи на Европската Унија е „класична дебата“ што постоеше и пред големото проширување на Унијата со десет земји во 2004 година.  

„Всушност ги направивме двете работи. Го направивме проширувањето во 2004 година, а го одобруваме Лисабонскиот договор во 2009 година. Се разбира, треба да работиме на нашите внатрешни реформи, но не треба да го блокираме она што го правиме и што треба да го направиме во пристапниот процес, бидејќи е потребно време“, истакна претседателот на Советот на ЕУ.  

Коста најави дека во првиот семестар од следната година Европската комисија ќе треба да презентира предлози за реализација на двата процеса.