Мора да го запреме извозот на човечки капитал: Интервју со Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ

Моќта на високоразвиените земји лежи во развојот на технолошкиот сектор, а не на купи-продај економија без иновации, вели професорот Ташковски


Образованието не може да биде стриктно насочено само кон моменталните потреби на стопанството, туку кон стратешки дефинираните потреби за развој на државата, вели Димитар Ташковски (Фото: Б. Грданоски)

 

Најголемиот предизвик за секоја држава е како да ја најде вистинската формула за долготраен и одржлив економски раст. Дури и оние земји кои имале среќа на нивната територија да имаат во изобилство некој природен ресурс, знаат дека потпирањето на развојот не може во недоглед да го темелат само на таквите фактори, па затоа настојуваат да развијат дејности кои ќе имаат и многу поголема додадена вредност. Со професорот д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при УКИМ, отворивме повеќе аспекти за таквиот развој, од соработката меѓу домашните компании со универзитетите, што прави  конкретно ФЕИТ на тој план како високообразовна институција која има меѓународно признаена акредитација, за заминувањето на младите од земјава, за уписната политика, за улогата на ИТ секторот… Интервјуто со професорот Ташковски за „Независен“ изобилува со многубројни одговори на исклучително важни прашања.

 

Господине Ташковски, како ја оценувате соработката меѓу домашното стопанство и универзитетите во нашата земја. Колку универзитетите „испорачуваат“ квалитетни кадри кон стопанството (често слушаме поплаки од бизнисмените дека треба дополнително да ги обучуваат нововработените штотуку дипломирани студенти) и од друга страна колку домашните фирми се обраќаат кон високообразовните институции за решавање на некој проблем, или за креирање нов производ што може да им донесе предност на пазарот?

Образованието е сериозна општествена дејност, во која постојат дефинирани стандарди за квалитет и за развој. Тука не смее да има импровизации и секое отстапување од овие стандарди ќе има долгорочни последици за развојот на државата. Високообразовните институции ги подготвуваат младите за кариера која трае 40 години, а не за наредните 3-4 години, на колку вообичаено се менуваат технологиите. Затоа, образованието не може да биде стриктно насочено само кон моменталните потреби на стопанството, туку треба да биде насочено кон стратешки дефинираните потреби за развој на државата и потребите на идните професии кои ќе се појават како развој на новите технологии.  

Студиските програми на ФЕИТ се меѓународно акредитирани кај истата агенција која има извршено акредитација на речиси сите универзитети во Германија. Ова претставува потврда за квалитетот на нашите студиски програми. Ние нудиме студии преку кои студентите добиваат одлична база од областа на електротехниката и информациските технологии, но и дополнителни практични знаења и вештини од областите кои се од нивен интерес во погорните години. Ова претставува одлична можност за продлабочување на соработката со индустријата, воведување практични вежби со партнери од стопанството и генерално доусовршување на знаењето на студентите.

За жал, кај нас соработката помеѓу академијата и стопанството е сѐ уште минимална и главно се сведува на лични познанства. Вообичаено, соработка од страна на стопанството се иницира само кога на компаниите им требаат студенти без некоја организирана системска соработка. Имам впечаток дека високо образовните институции имаат поголема желба за соработка отколку самите компании, бидејќи таа е клучна за развојот на третата мисија на факултетите. Факт е дека постои јаз помеѓу академијата и стопанството и мораме да работиме на негово надминување од двете страни.

За мотивација на компаниите кои сакаат да работат со Факултетот, ние воведовме и специјална партнерска програма. Преку истата, компаниите имаат можност да учествуваат во процесот на осовременување на наставните програми на ФЕИТ, да соработуваат во дефинирање на проектни задачи и семинарски во рамки на одредени предмети, како и во дефинирање на дипломски и магистерски трудови, а кои се од нивна област на интерес. Компаниите имаат можност за организација на стручни предавања, поддршка при изборот на кандидати за пракси или за вработување.

Во однос на квалитетот на студентите, одговорно тврдам дека нашите студенти се подготвени и квалитетни за пазарот на труд. Како поткрепа на ова мое тврдење е фактот дека кога заминуваат во странство нашите студенти се одлични и препознаени, меѓу најдобрите во своите генерации. Компаниите кај нас очекуваат многу тесно и фокусирано знаење за дневни потреби, а тоа не е предмет на образовниот процес на еден инженер. Од друга страна, солиден инженер од нашиот факултет може секогаш да одговори брзо на предизвиците за работа. Исто така, постои и голема разлика во односот на нашите компании и државата во споредба со странските. Ние работиме со реномирани светски компании како „Сименс“, „Гересхајмер“, „Инфинион“ итн. кои се златни партнери на ФЕИТ. Овие компании имаат поинаков пристап кон високото образование што веројатно се должи на културата на соработка со академија од државата од која доаѓаат. Преку предавања и обуки од нивни експерти, конкретни проекти, поддршка со опрема, стипендии за докторски студии и слично влијаат на образовниот процес и долгорочно подготвуваат кадар за нивни потреби.

Со постојаниот ангажман во меѓународни научно-истражувачки проекти се обидуваме да го надминеме проблемот со непостоење на финансирање на наука

ФЕИТ е и високообразовна институција која што има развиено значајна меѓународна активност и учество во проекти. Кои се тие проекти и од какво значење се за факултетот, но и за земјата во целина?

ФЕИТ е водечка институција по број на проекти од различен тип во државата. Годишно имаме 10 нови договори во просек што претставува над една третина од сите проекти на УКИМ, а со тоа и во државата. Притоа, нашите проекти опфаќаат различни програмски линии како на пример НАТО и ИПА (за опрема и усовршување на нашите млади колеги), Еразмус (за развој на студиски програми и воведување на нови технологии во настава како за нас така и за средните училишта во Македонија), Хоризонт програмата на ЕК (за добивање на нови знаења, подигање на капацитетите во нови области и пред се подготовка на нов научноистражувачки кадар) итн.

Со постојаниот ангажман во меѓународни научно-истражувачки проекти се обидуваме да го надминеме проблемот со непостоење на финансирање на наука во државата и генерално ниските примања во високото образование. Ова е особено значајно за мотивација на нашите истражувачи и искористување на нивниот потенцијал. Државата има несомнено огромен бенефит од нашите меѓународни проекти затоа што со тоа се подобрува научниот углед во меѓународни рамки без практично никакви локални инвестиции.

 

Пред пет години во рамките ФЕИТ почна да функционира Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, како прв иновациски хаб во државата. Кој беше мотивот за неговото формирање?

Идејата за основање на ИНОФЕИТ како Центар за трансфер на технологии и иновации постоеше неколку години пред неговото формално отворање. Целокупниот капацитет кој ФЕИТ го поседува и постојано го надградува со учеството во меѓународни научно-истражувачки проекти е во сржта на идејата за ИНОФЕИТ. Нашиот кадар има огромно теоретско искуство, но и искуство во прототипизација на различни иновативни идеи. На тој начин, ИНОФЕИТ е точно позициониран на преминот од академско знаење и развиена технологија кон нови и иновативни компании (често пати формирани од наши колеги), но и постоечки кои се стремат да воведат нови производи со ново додадена вредност.

Во текот на изминативе пет години, ИНОФЕИТ јасно се позиционираше како лидер во доменот на договорно истражување за локални и меѓународни компании. Ним им го нудиме целиот наш иновациски потенцијал и им обезбедуваме намален трошок за инвестирање во развој на нови, иновативни, ризични производи и услуги. Морам да напоменам дека нашата предност лежи во интердисциплинарноста односно во ИНОФЕИТ се ангажираат истражувачи од ФЕИТ и од УКИМ во согласност со поставениот проблем со што многу агилно му се приоѓа на секој проект од аспект на неопходна експертиза. Дополнително, лабораториите на ФЕИТ се постојано на располагање за развој со што се отвора и пристап кон нови ресурси за стопанството за иновации и развој. Едноставно, целиот научен потенцијал и знаење кои ФЕИТ и УКИМ ги поседуваат се ставени на располагање на општеството, кое нас не финансира. ИНОФЕИТ со тоа ја исполнува и својата општествена одговорност.

Конечно, главниот лајтмотив за ИНОФЕИТ се студентите, идните инженери. Стопанството има потреба од кадар кој знае да се справува со реални и практични проблеми, а нашите одлични студенти имаат потреба да работат на реални предизвици со кои се подобрува степенот на нивната едукација и подготвеност за пазарот на труд. Преку вклучување на студенти во ИНОФЕИТ нудиме практично образование на реални проблеми и иновации, се обидуваме да ги доближиме студентите до компаниите и да го надминеме јазот помеѓу академијата и стопанството.

Еден од приоритетите во наредниот период ќе биде прераснување на ИНОФЕИТ во Центар на извонредност

Што е постигнато во овој период на работењето на ИНОФЕИТ, може ли да ни кажете за некои конкретни проекти/примери?

ИНОФЕИТ наметна нов начин на работа и соработка во високото образование преку договорно истражување со локални и меѓународни компании и развој на нови производи, но и комерцијализација. Во изминатиов период успеавме да реализираме преку 20 договори со компании, а дел од производите и нашите граѓани можат секојдневно да ги видат (на пр. машината на Пакомак за рециклирање пластична амбалажа поставена во поголемите маркети во државата е развиена од хардверски и софтверски аспект од наши експерти).

ИНОФЕИТ е доминантен основач на најголемиот Бизнис акцелератор УКИМ (БАУ) во државата со што се потврдува неговата доминантна улога во трансферот на технологии од академија кон компании што можат да прераснат во самостојни стопански субјекти. ИНОФЕИТ се стекна и со статус на целосно оперативен дигитален иновациски хаб (ДИХ) во С. Македонија (прв и единствен за сега, статус добиен од Европската комисија) со што добива и поширока општествена улога во доменот на дигитализација на нашето стопанство. ДИХ – овите претставуваат иновативни центри за дигитални иновации и се „one-stop-shops“ кои помагаат компаниите да станат поконкурентни во поглед на нивните деловни/производни процеси, производи или услуги со користење дигитални технологии, преку обезбедување пристап до техничка експертиза и експериментирање. На тој начин, компаниите може да „тестираат пред да инвестираат“, користејќи модерни дигитални технологии со што се намалуваат трошоците за креирање нов производ, но и се забрзува процесот на комерцијализација на иновација.

Статусот на ДИХ му овозможува на ИНОФЕИТ огромни потенцијали за вмрежување и соработка со слични ентитети од Европа. Веќе сме дел од неколку мрежи на ДИХ-ови како DIH2 и AI Talents преку кои постојано добиваме понуди за соработка со европски компании. Станавме сертифициран ДИХ за дигитални близнаци во рамките на проектот CHANGE2TWIN и веќе им помагаме на наши компании да аплицираат за европски средства. Нашиот Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) не препозна како стратешки партнер во домен на дигитализација и сме вклучени со мониторинг во еден тековен повик за дигитализација на компании од агри и туристичкиот сектор. Едноставно, статусот на ДИХ овозможува голем потенцијал за иден раст.

 

Какви се плановите за во иднина?

Еден од приоритетите во наредниот период ќе биде прераснување на ИНОФЕИТ во Центар на извонредност. За вакво нешто имаме и потврда од Европската инвестициска банка (ЕИБ) која во студија од пред некоја година не препозна како единствен ентитет од Западен Балкан кој може да прерасне во ваков центар. Сметам дека државата мора да застане зад овој проект и да го помогне растот затоа што капацитетот е веќе докажан. Ние се обидуваме да добиеме средства преку Хоризонт програмата на ЕК за развој на центарот и ангажирање на нашите најдобри студенти во него, но и ангажирање на наши искусни истражувачи кои заминале во странство на престижни универзитети.

Со тоа ИНОФЕИТ би придонел во обратен процес на одливот на мозоци со кој постојано се судираме. Во идниот центар би се работеле нови, пропулзивни, интердисциплинарни области кои можат да се преточат во производи на компании со што би помогнале и во економскиот развој на државата и би ја подигнале перцепцијата за нашата економија како напредна и иновативна.  

Ситуацијата со заминувањето на младите од земјата е многу лоша и ние како општество ќе имаме несогледливи негативни последици од овој процес

ФЕИТ е и високообразовна институција која што има меѓународна акредитација во делот на наставата. Што значи тоа за факултетот, за професорите и за студентите кои што ќе дипломираат на него?

На ФЕИТ веруваме дека квалитетот и следењето на дефинираните стандарди во високото образование се клуч за успешен развој и за меѓународна препознатливост на една високообразовна институција. Затоа посветуваме големо внимание на обезбедување на квалитетот во сите дејности (наставна, научноистражувачка и трансфер на знаење). Од 2013 година ФЕИТ официјално има воспоставено систем за управување со квалитет ИСО 9001 како прв предуслов за квалитетна работа.

Пред пет години, извршивме и хармонизација на студиските програми со европските. Конечно, минатата година германската агенција за акредитација на студиски програми на технички науки, информатика, природни науки и математика ASIIN ги акредитираше нашите седум студиски програми на прв циклус. Со тоа ФЕИТ постана единствената високообразовна институција во државата со меѓународна акредитација на студиските програми. Оваа акредитација е потврда за квалитетот на нашите студиски програми, вреднуван преку структурата и содржината на студиските програми, начинот на реализацијата на наставата, условите за работа, квалитетот на наставниот кадар, научно-истражувачката работа, механизмите за контрола на квалитетот и сл.

Истовремено го добивме и EUR-ACE сертификатот издаден од ENAEE (Европска мрежа за Акредитација на инженерско образование). Со тоа дипломата од ФЕИТ стана официјално призната во цела Европа. За сите сегашни и идни студенти на ФЕИТ, EUR-ACE сертификатот е гаранција дека студиските програми на ФЕИТ ги задоволуваат високите европски и интернационални стандарди и се препознаени од работодавците во Европа, го олеснува процесот на аплицирање на магистерски студии на други високообразовни институции во Европа и овозможува да станат овластени инженери, во земјите каде инженерската професија е регулирана.

 

Компаниите сѐ повеќе се жалат дека не можат да најдат квалитетни и образувани кадри. Зошто е така, дали поради недоволната „продукција“ или пак заради вистинскиот егзодус кој што се случува со заминувањето на младите од земјава?

Ситуацијата со заминувањето на младите од земјата е многу лоша и ние како општество ќе имаме несогледливи негативни последици од овој процес. Покрај изгубените директни трошоци од образовниот процес при заминувањето на еден млад образуван човек (околу сто илјади евра колку што чини во просек неговото образование) имаме уште поголеми посредни трошоци. Со нивното заминување нам ни се случува демографски егзодус на најкреативниот и најобразованиот дел од македонската популација. И не може така едноставно да велиме дека ќе мора да обезбедуваме работна сила од надвор, а да не правиме ништо да го ублажиме овој процес. Работна сила секако ќе мора да обезбедуваме, но некој треба да го креира економскиот, општествениот и културниот живот. Мораме интензивно да работиме на обезбедување услови за останување на младите во државата.

Една од причините за кои го формираме ИНОФЕИТ беше и нашата намера да влијаеме на намалување на одливот на мозоци, односно да спречиме извоз на човечки капитал кој е неопходен за развојот на државата. Сакавме да обезбедиме услови приближни на оние кои би ги имале за работа во странство. Креиравме уникатен и модерен простор за работа, имаме одличен научноистражувачки капацитет, голем број на проекти на кои работат наши млади колеги, но се уште не можеме да направиме значителен развој и да стигнеме до посакуваната цел од 30-тина истражувачи и стабилност во работата. Главниот проблем е кога ќе завршат тековните проекти и кога треба да се обезбедат новите. Немаме финансиска стабилност да го покриеме тој „ладен погон“ кога нема проекти. Младите колеги колку и да ја сакаат науката, мора да си обезбедат егзистенција и си бараат решенија по компании, но главно надвор од државата. Само за илустрација, Fraunhofer најпознатиот центар за применети истражувања и развој во Германија со околу 25.000 вработени има буџет од преку 3 милијарди евра годишно, од кои што околу 70 отсто се обезбедуваат од проекти, а околу 30 отсто ги обезбедува државата. Ја разбирате поентата, нема научно истражувачка работа без поддршка од државата.

Ако не се отворат истражувачки/иновaциски центри во Македонија не глeдам начин како би ги задржале или вратиле младите

Може ли ваквиот тренд да се насочи во обратна насока и што треба да се направи младите и образувани луѓе да останат и да работат во земјава?

Секако дека може, но треба да се преземат активности во таа насока. Немам дилема дека треба да се обезбедат услови за да останат или евентуално да се врати некој, слични на оние кои би ги имале таму. Кога ние пред 3-4 години ги објавивме нашите цели за развој на ИНОФЕИТ се јавија неколку наши колеги кои работат во странски институции и кои покажаа интерес за враќање. Но, повторно доаѓаме до финансирањето, односно ако не се отворат истражувачки/иновaциски центри во РС Македонија не глeдам начин како би ги задржале или вратиле.

Сите европски земји имаат такви центри кои обезбедуваат работа за овие квалитетни луѓе, но и влијаат и на економскиот раст на државата. Го споменав Fraunhofer во Германија, во Австрија е AIT, TNO во Холандија, IMEC во Белгија итн. Полска развива моментално слична мрежа на институти и центри како Fraunhofer. Во Србија има технолошки паркови во секој универзитетски град (Ниш, Крагуевац, Белград, Нови Сад). Не треба да измислуваме топла вода, треба да гледаме што прават другите и да го прилагодиме на нашите околности.

 

ИТ секторот во земјава е еден од најдинамичните, и со голем потенцијал да придонесе за вкупниот економски развој на земјата. Сепак, има и прилично критички забелешки дека нашите ИТ стручни кадри повеќе се користат за „лон“ производство, отколку за креирање сопствени производи. Зошто е така и како да се променат работите?

Нема дилема дека ИТ секторот е еден од најдинамичните и ако добро се насочи може да придонесе за економскиот развој на земјата. Се согласувам и дека најголемиот број на компании работат класично „лон“ производство, односно даваат услуги за странски компании. Истите моментално обезбедуваат атрактивни приходи за своите вработени бидејќи маржите во тој сектор се големи, но „кајмакот“ го собираат странските компании и ги развиваат сопствените економии. Мал е бројот на нашите компании кои развиваат сопствени продукти и креираат додадена вредност.

Доколку сакаме да постигнеме значаен раст во овој сектор, истиот мора да креира производи базирани на иновации и да креира додадена вредност, а не да работи како услужна дејност за странски компании. Овој сектор треба и да се поврзе и со останатите сектори каде што исто така може да придонесе за креирање на нови производи и услуги. Треба реално, а не декларативно, да креираме општество базирано на знаење. Тоа знаење потекнува од научноистражувачка работа на високообразовните институции. Само за илустрација, 80% од сите светски иновации потекнуваат од научноистражувачката работа. Дополнително, сите сме свесни дека моќта на високо развиените земји лежи во развојот на високо технолошкиот сектор, а не на купи-продај економија, креативни индустрии и традиционални индустрии без иновации. Додека тоа не го разберат одговорните во државата и не се инвестира во научноистражувачка работа, нема да има иновации, нема додадена вредност и конечно нема развој на државата.

 

Дали во земјава постои соодветна уписна политика, имајќи во предвид дека сѐ повеќе се чувствува недостиг на инженерски кадар од различни струки, не само електротехничката?

Во државата не постои соодветна уписна политика која би го отсликала капацитетот на факултетите за производство на соодветен кадар. Во моментов, потребата за ИКТ кадар е огромна, не само кај нас туку во целиот свет. Едноставното зголемување квоти не го решава (па дури и го влошува) проблемот со квалитетот на студентите, а истовремено влијае на другите професии кои се неопходни за едно општество. Не смееме да заборавиме дека на општеството му требаат кадри за изработка на патишта, згради, развој на земјоделие, обезбедување храна, подготовка на наставници за образование на нашите деца итн. Правилна уписна политика мора да ги согледа сите аспекти на општествениот живот и економски раст. Впрочем, високото образование треба да продуцира кадри во согласност со потребите на државата и стопанството.

Моментално, С. Македонија ја привршува изработката на стратегијата за паметна специјализација како неопходен стратешки патоказ за приближување кон членството во ЕУ. Во таа стратегија се дефинирани области кои покажале квалитативен и квантитативен капацитет кај нас, а тоа се паметно земјоделство, паметни материјали, ИКТ и индустрија 4.0. Ова покажува дека ни е потребен кадар од различен профил за раст и развој и на тоа мора посистематски да се поведе сметка. Дополнителен проблем е и тоа што демографската слика не е најповолна. Затоа мора да се прават стратегии за понатамошен развој на сите дејности потребни за функционирање на државата, а уписната политика на факултетите мора да биде соодветно ускладена.  

Вештачката интелигенција има огромен потенцијал, но исто така е важно да се внимава на потенцијалните ризици и предизвици кои доаѓаат со неа

Минатата година ФЕИТ ја продолжи традицијата за доделување „златни дипломи“ на оние кои дипломирале пред пет децении, на инженери кои биле многу важни во развојот на земјава. Една од нивните забелешки беше дека амфитеатарот во кој што се одржува свеченоста е истиот како во времето кога тие посетувале настава. Зошто е така, зошто не се вложува повеќе во условите за образование, особено во докажани научно – образовни институции, и особено сега кога промените се толку динамични, што треба некои од програмите да се менуваат во од, односно во текот на еден образовен процес од четири години?

Идејата со златната диплома е на нашите бивши студенти да им оддадеме признание за сето она што го направиле за развојот на државата, а со тоа и за промоција на ФЕИТ, да се видат повторно и да се потсетат на студентските денови. Токму затоа амфитеатарот е буквално истиот од нивно време (мала шега).

Реално, амфитеатарот (и воопшто просторот) е слика на односот на државата кон високото образование. Поради актуелниот проблем со инфраструктурата потребна за функционирање на ФИНКИ, еден дел од нивната активност се изведува во наши простории, и следствено имаме недостаток од просторни услови пред се за изведување на практичната работа, бидејќи во голем дел од лабораториите се изведува настава. Потврда за ова тврдење е и ASIIN меѓународната акредитација која се изведе минатата година на ФЕИТ. Главната забелешка на Комисијата беше во однос на просторот со кој располага Факултетот за реализација на четирите студиски програми од компјутерскиот кластер. Без реорганизација на процесите за работа во лабораториите (намалување на бројот на работни места, воведување на процедури за безбедност при работа), ФЕИТ немаше да ја добие оваа меѓународна акредитација. Се работи за области кои треба да бидат носители на технолошкиот развој на државата (автоматика, роботика, електроника, ИКТ, енергетика), а ние немаме основни услови за работа.

Објектот е стар околу 50 години, потребни се големи средства за одржување во пристојни услови за работа. Во изминатите 10-тина години од сопствени средства направивме реконструкција на фасадата во енергетска ефикасна фасада, создадовме прекрасен простор во кој е сместен ИНОФЕИТ, но за посериозен развој потребна е соодветна инфраструктура која дефинитивно недостасува. Ние континуирано се обидуваме преку проектни апликации да ја подобриме, но генерално без поддршка од државата ваквата состојба ќе остане уште долго време.

Обезбедување на соодветна инфраструктура и опрема е предуслов за квалитетно високо образование како и за развој на иновациската дејност. Но, не се работи само за инфраструктура, за сериозен развој потребен е и човечки капитал, кој за жал тешко можеме да го обезбедиме, поради игнорантскиот однос на државата за нови вработувања. А зошто е таков односот на државата кон високото образование искрено не знам, можам само да претпоставувам. Сепак негативниот ефект од ваквата ситуација најмногу ќе го осети државата во сите свои сегменти, а пред се во економијата. 

 

Сведоци сме на нови драматични можности што ги отвора вештачката интелигенција, чет ботовите (како што е Чет Џи-Пи-Ти на Опен АИ) што ги промовираа најголемите компании во светот. Како ги оценувате овие можности на АИ, дали треба да се плашиме од нив и на кој начин го променат начинот на работење, на образование, па и секојдневните навики на луѓето?

Вештачката интелигенција (ВИ) е моќна алатка која веќе трансформира повеќе сектори во нашето живеење, меѓу кои и образованието. Постои голем потенцијал во оваа технологија за револуционизирање на образованието преку персонализација на образовниот процес. Дополнително, ВИ може во голема мера да помогне во унапредување на начинот на изразување на учениците, а и наставниците можат да се потпрат на ВИ за помош при дизајнирање на структурата на наставниот материјал, како и прилагодување на материјалот на возрасната група на учениците.

Иако вештачката интелигенција има огромен потенцијал, исто така е важно да се внимава на потенцијалните ризици и предизвици кои доаѓаат со неа. Постои голема загриженост околу промените во начинот на работење, што потенцијално може да доведе до потреба од реквалификација на цели сектори од денешниот пазар на труд. Тука се и прашањата околу приватноста и безбедноста, пристрасноста, како и етичките аспекти за примената на ВИ. Сепак, важно е да се забележи дека овие ризици не се својствени за самата ВИ, туку се резултат на тоа како таа се развива и применува. Поради тоа, од суштинско значење е да воспоставиме робусни рамки за да обезбедиме одговорен развој и примена на ВИ во нашето општество.