Монтирани фотографии од визи на Заев и Филипче се шират на интернет

Заедно со жестоката кампања на ВМРО-ДПМНЕ против Зоран Заев и Венко Филипче, на социјалните мрежи се појави и фалсификувани визи за Обединетите Арапски Емирати од нив двајцата. Двете фотографии од визите објавени на Фејсбук се изменети со помош на алатки за графички дизајн и не се од визи на Заев и Филипче. И двајцата за „Вистиномер“ потврдија дека документите кои се споделени како наводни нивни визи за Дубаи се неверодостојни и претставуваат фотомонтажа, пишува Вистиномер.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за поткастот „Политиканти“ изјави дека поседува виза за Дубаи без да потенцира дали е „златна“ објаснувајќи дека ја добил поради преговори за работа во некоја болница во Дубаи, уште пред да стане пратеник.
„Станува збор за виза за којашто апсолутно јас бев… обвинуван дека таму имам недвижнини или милионски сметки и тоа го демантирав. Апсолутно не е ни едното ни другото вистина со таа виза којашто ја поседувам во Дубаи. Не е никако поврзана со инвестиции во никаква форма. Пред периодот кога се кандидирав за претседател на партијата и пратеник бев во преговори со една болница таму за работа. И добро напредуваа преговорите дури и заврши една форма на валидација на документите и тој процес сега е ставен на стенд бај“, рече Филипче во „Политиканти“.
Наредниот ден на социјалните мрежи се појавија две фотографии со лажните визи. Меѓутоа, кога ќе се постават двете фотографии во алатката којашто прoверува текст од фотографија, се доаѓа до сознанието дека всушност имињата што се испишани на арапски јазик на наводните визи, се на други луѓе, а не на Заев и на Филипче. Така, на документот на кој се тврди дека е од „визата“ на Заев, всушност од десната страна стои името „Малком Едвин Џозеф Ентони“. До него на арапски е испишано државјанство – „американско“.
Дополнително, секогаш кога граѓанин се фотографира за да добие виза во која било држава, тој мора да се фотографира за таа цел и со таа намена, меѓутоа, фотографиите искористени во објавата претставуваат фотографии од Заев и Филипче кои се земени од интернет.
Дополнително идентификацискиот број на визите за Дубаи има 15 цифри. На фотографијата со „визата“ на Заев има само 14 а на онаа од Филипче 13 цифри што потврдува дека се работи за невистина.
И Заев и Филипче за Вистиномер потврдија дека двата документа коишто се споделени како наводни нивни визи за Дубаи се неверодостојни и претставуваат фотомонтажа.
„Фотографијата не е веродостојна. Не е воопшто точно. Се гледа дека некој тоа го има електронски креирано“, изјавил Заев за „Вистиномер“