Монсунските поплави во Бангладеш однесоа 20 животи и погодија повеќе од пет милиони луѓе
Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 5,2 милиони луѓе се погодени во Бангладеш од поплавите предизвикани од монсунските дождови и излевањето на реките, соопштија властите.
Поплавите оставија многу луѓе изолирани и итно им е потребна храна, чиста вода, лекови и сува облека, особено во оддалечените области каде што патиштата се блокирани, што го отежнува спасувањето и доставувањето помош.
Главниот советник на владата, Мохамед Јунус, во телевизиско обраќање рече дека администрацијата ги презела сите неопходни мерки за да обезбеди брзо враќање во нормала за жртвите од поплавите.
Метеоролошката служба на Бангладеш предупреди дека поплавите може да продолжат доколку монсунските дождови не престанат, бидејќи водостојот се намалува многу бавно.
Повеќе од 400.000 луѓе се засолниле во околу 3.500 засолништа во 11 поплавени окрузи, каде што речиси 750 медицински тимови се на терен за да пружат помош, а армијата, вооружените сили, морнарицата и граничната стража на Бангладеш помагаат во операциите за спасување, соопштија властите.