„Монструм“: Доживотен затвор за Алил Демири и Агим и Африм Исмаиловиќ


Денеска Основниот кривичен суд ја објави пресудата за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај „Смилковското езеро“.

„Во името на граѓаните на Република Северна Македонија, по судење и гласање, Основниот кривичен суд Скопје, како првопстепен ја донесе следната пресуда.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се огласуваат за виновни за тероризам, ги осудува на казна затвор доживотно. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се огласува за виновен за кривично дело тероризам, го осудува на казна на затвор доживотно. Хаки Азири го осудува на единствена казна од девет години затвор. Обвинетиот Фејзи Азири се огласува за виновен да сторил две кривични дела помагање на сторител за вршење на кривично дело. Се осудува на единствена казна затвор од 15 години.За Сами Љута се одбива обивението“, рече судијата Огнен Ставрев.

Образложувајќи ја пресудата тој  нагласи дека во овој случај не станува збор за обично кривично дело туку повеќе од тоа – за монструозно садистичко убивање.

„По мое видување и чувство овде не се работи за обичен кривично правен настан. Се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на деца кои одвај станале полнолетни. Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена. Размислувале ли за семејството, за првите љубови, што се не им прошло низ глава во таа секунда, а тоа било и прашањето зошто ние и што лошо сме сториле, а не сме имале ни време да сториме. Какви се чувствата на родителите, во која психолошка бездна биле тие кога разбрале дека ги нема, како се чувствуваат во долго поминатите денови барајќи правда?”, рече судијата Ставрев.

Фејзи Азири во обраќањето по пресудата ги повика јавниот обвинител Љубомир Јовески и  обвинителката Вилма Русковска да го посетат во затворот во Шуто Оризари да им предочи докази за нарачателите, организаторите и помагачите на ова убиство, со име, презиме и прецизни дејности. Во рок од 10 дена ако не ме повикаат, или ако не ме посетат, ќе ги дадам доказите на јавноста и на странските амбасади за да се утврди кој е извршител, нарачател и помагач“, изјави пред судот Азири, кој е прогласен за виновен за две кривични дела за помагање во извршување на кривично дело со единствена казна затвор од 15 години.

Судот го уважи барањето на обвинителството и побара мерка притвор за сите осудени во случајот „Монструм“. Притворот ќе биде во сила до правосилност на пресудата

Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.

Застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Ова е втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во ноември 2017 година таква одлука донесе и Врховниот суд.Предметот се врати на почеток, но сега во рацете на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го презеде поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. „Бомбите“ во судница како сведоци ги донесоа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поранешните функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков и многубројни други нови сведоци. Меѓутоа, ниту снимките ниту сведочењата не открија ништо ново.