Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски – македонски претставници на 59. Венециско биенале

Проектот „Landscape experience“ ќе ја претставува Националната галерија на најновото издание на Биеналето во Венеција насловено „The milk of dreams“


Проектот „Landscape experience“ на уметниците Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, ќе ја претставува Националната галерија на најновото издание на Биеналето во Венеција насловено „The milk of dreams“.

– Проектот „Landscape experience“ на уметниците Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски е осмо учество на Националната галерија како официјален претставник на нашата земја на биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори, кои со своите автоктони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики, истакна на денешната прес-конференција директорката на Националната галерија и комесар на проектот, Дита Старова-Ќерими.

Таа ги наведе самостојните изложби на Јанкулоски и Мотеска, „Нови пејзажи – архив на реалноста“, односно „Везење во камен“, како првична идеја која резултирала во проектот којшто ќе ја претставува нашата земја во Венециското биенале.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека убавината и афирмацијата на домашната уметност на ваквите мега настани привлекуваат голема одговорност и бараат висока професионалност.

– „Landscape experience“ е нашата слика во следните седум месеци. Македонскиот павилјон ќе биде отворен и оценуван од најприбирливата критичка јавност и од пошироката многубројна публика. Убедена сум дека проектот идејно, продукциски и со прашањата кои ги претставува ќе предизвика размислување и ќе привлече интерес. Нашето преставување во Венеција не е инфериорно. Тоа за сите нас е од огромно значење во одржувањето на врските со државите од светот преку полето на уметноста, нагласи министерката.

Италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, рече дека Биеналето е еден од оние настани што се навлезени во колективната култура што предизвикува восхит, често го менува начинот на кој ја разбираме уметноста и начинот на кој таа се создава. Според него, Биеналето на Венеција е всушност израз, понекогаш и жртва на трендови и промени.

Претседателката на Комисијата за избор на македонски претставник, Дијана Томиќ-Радеска, истакна дека овој проект преку едни нови пејзажи, реални и имагинативни, локални и национални, но сепак светско препознаени простори дадоа еден сериозен пристап кон идејата.

Најновото 59. издание на Биеналето во Венеција ќе започне на 24 април и ќе трае до 7 октомври 2022 година, а инаугурацијата е закажана на 22 април во 18.00 часот.