Монголија нареди мерки на претпазливост и засилен надзор на границата со Русија


Во Монголија во сила се „мерки на претпазливост“ и „засилен надзор“ долж границата со Русија, по смртта на лаборантката во Институтот за борба против чумата во Иркутск.

– Иако ризикот е низок, Министерството за здравство им наложи на надлежните органи да преземат мерки на претпазливост и да одржуваат континуиран надзор и контрола со цел да се спречат потенцијални ризици. На границата се спроведуваат мерки за здравствен надзор и контрола, додека граничните операции продолжуваат без други промени, се наведува во соопштението на монголското Министерство за здравство.

Исто така се наведува дека монголските здравствени власти воспоставиле контакт со Институтот во Сибир, а руските власти го информирале Улан Батор дека не е потврден ниту еден случај на чума.

– Здравствените и царинските власти на Монголија спроведоа брза процена на ризикот за земјата и заклучија дека ризикот е низок, се посочува во соопштението.

Монголија најдоцна воведува мерки, додека другите соседни земји на Русија, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Казахстан пред неколку денови ги засилија санитарно-епидемиолошките мерки на граничните премини по информациите за можен случај на чума во руската Иркутска област.