МОН смирува: Ќе има историја, географија и граѓанско образование за шесто одделение


Фото: Б. Грданоски

Министерството за образование и наука (МОН) денеска информира дека ќе има историја, географија и граѓанско за шесто одделение. Ова следува како реакција откако во наставната програма за шесто одделение за следната учебна година која е објавена на интернет страницата на Бирото за развој на образованието ги немаше предметите географија, историја и етика на религиите.

-Информираме дека во финална фаза на подготовка е наставната програма со три модули, преку која ќе се изучуваат историја, географија и граѓанско образование за шесто одделение, а ќе ја реализираат наставници кои и досега ги предаваа овие предмети. Изработката на наставната програма е надлежност на Бирото за развој на образованието и по одобрување, истата ќе биде јавно достапна, појаснуваат од МОН.

Претходно имаше силни реакции од родители кои стигнале до Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ во која членуваат речисии 80.000 родители.