МОН ретроактивно ќе исплаќа стипендии и зголемен надоместок за студентски оброк


Фото: Б. Богдановска

Ќе се потпишуваат спогодби за ретроактивна исплата на зголемените износи на ученички и студентски стипендии 

Сите ученици и студенти кои оствариле право на стипендија пред учебната односно академската 2021/22 година и доставиле анекси кон нивните договор за изедначување на стипендијата, ќе можат да потпишат спогодба со Министерството за образование и наука за ретоактивна исплата на разликата до зголемената стипендија за академската 2021/22 и за дел од 2022/23 година.

Износот на разликата за студентите ќе се надомести преку две исплати, односно еден дел ќе им биде префрлен на трансакциските сметки во октомври 2023 година, а вториот дел во февруари 2024 година. Додека за учениците износот на разликата до зголемените стипендии ќе се исплати во октомври 2023 година.

Напоменуваме спогодбите ќе можат да ги потпишат само ние ученици, односно студенти кои доставија анекси на договорите за стипендија до Министерството за образование и наука во предвидениот рок. 

МОН: по усвојување на измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, ќе продолжи редовната исплата на зголемениот надоместок

Министерството за образование и наука информира дека во соработка со пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се работи на унапредување на законското решение за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира меѓудругото и зголемување на дневниот паричен надоместок.

Предлог измените на законот за новото системско решение се во собраниска процедура и по нивно усвојување, исплатата ќе продолжи редовно, а студентите кои го остваруваат ова право, на своите трансакциски сметки ќе го добиваат зголемениот износ. 

Министерството дава поддршка за побрзо донесување на законските измени, а во меѓувреме ги врши сите потребни подготовки, односно собирање на потребните информации од надлежните институции за брза исплата на средствата, веднаш по стапување во сила на измените на законот.