МОН отвори адреса за пријавување насилство во училиште


Фото: Б. Грданоски

За да продолжиме да градиме мирна и хармонична училишна средина, во која врсничкото насилство нема да биде тема, потребна е поддршка од сите општествени чинители. Министерството е носител на политиките, но без учество во нивното креирање и имплементација на другите засегнати институции, самите образовни установи, експертската јавност и конечно на сите граѓани, справувањето со предизвиците ќе биде многу потешко.  

Ова е пораката до јавноста која денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја испрати од Гостивар, каде присуствуваше на ученичкиот натпревар „Образовно рандеву“ во организација на Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Северна Македонија. 

„Филмски сцени станаа реалност во регионот. Посакувам никогаш и никаде да не се повтори тоа што се случи во нашето соседство. Но, за тоа ќе треба многу повеќе да се поработи, затоа што сериозна е темата со врсничкото насилство. Младите живеат во ново време со многу нови предизвици и мораме да наоѓаме начини како да ги елиминираме факторите и да го скротуваме младинскиот, избувлив дух. Затоа денес и иницираме дијалог со експертската јавност и академската фела, како и со сите други надлежни институции, за да делуваме конкретно и час поскоро“, рече Шаќири. 

Министерот нагласи МОН отвора адреса за пријавување насилство во училишта, [email protected], односно [email protected] како централно место каде може да се пријавува училишно насилство, за да можат институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации. 

Потенцираше дека исклучително му е драго кога гледа како младите се дружат во и надвор од училиштето, заедно учат, се натпреваруваат со знаења и токму тоа треба да биде нивниот фокус, наместо размислувањата како да се испровоцираат врсниците од негативен аспект.