МОН не ги крие бодовоте за место во студентски, само не прима студенти кои 8 години студираат
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата дека Министерството ги крие бодовите и резултатите за приемот во студентските домови.
– Жалосно е што во јавноста се шират дезинформации или таканаречени лажни вести. Апсолутно тврдам, ранг-листите се објавени на примените, но објавена е и ранг-листа на непримените со објаснување зошто не се примени. Вака одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање за обвинувањата на партијата Левица дека Министерството ги крие бодовите за студентските домови.
– На моето прашање што се случува по повод разните шпекулации, секторот одговори дека има студенти што студираат седма или осма година и таквите не се примаат. Има студенти чии родители имаат енормно високи примања и тие се одбиваат. Како и да е, критериумите се објавени јавно, ги има во огласот, студентите добро знаат кои може и исполнуваат услови да бидат сместени, а кои не – рече Јаневска.
Претходно денеска, од партијата Левица обвинија дека „ДПМНЕ повторно бара од студентите да ѝ веруваат на збор, наместо да им покаже како се распределуваат местата во студентските домови. Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсот, но транспарентна ранг-листа со освоени бодови повторно нема. А токму бодовите се суштината на постапката – кога за едно легло конкурираат повеќе студенти, јавноста мора да знае по кои критериуми е избран едниот, а одбиен другиот“.
„Укажуваме дека ова не е прашање на добра волја на министерката, туку на правила што Министерството е должно да ги почитува. Постапката за прием предвидува рангирање според утврдени критериуми, а Правилникот предвидува објавување на списокот на студенти со добиените бодови. И самиот Државен завод за ревизија констатирал дека рангирањето се врши по групи и според бодови, а списокот со освоените бодови треба да биде јавно објавен.
Особено што МОН не може да се правда дека не знае колкав ризик создава ваквата нетранспарентност. Државниот завод за ревизија веќе утврдил дека за конкурсот во 2022/2023 година не му била доставена документација дека Министерството воопшто извршило бодирање согласно пропишаните критериуми. Апликациите биле обработувани рачно и внесувани во Excel-табели без бодирање, а ревизорите недвосмислено заклучиле дека отсуството на бодовни ранг-листи овозможува субјективно постапување при распределбата на местата и фаворизирање на дел од студентите“, велат од Левица.
Во врска со забелешките дека нема доволно образовни асистенти во училиштата, Јаневска истакна дека бројот на асистенти е највисок досега.
– Немало никогаш поголем број асистенти отколку овие години. Во основното образование има околу 1.380 или 1.348 асистенти, а во средното 166. Има дополнителни барања за асистенти, конкурсот е во тек и завршува утре – рече таа додавајќи дека децата имаат поддршка од инклузивни тимови и дека не постои проблем во обезбедувањето асистентска поддршка.
Министерката соопшти дека од вторник се очекува да почне наставата со физичко присуство во основното училиште „Киро Глигоров“ откога ќе бидат завршени уште неколку дополнителни училници.
– Во „Киро Глигоров“ дополнителните неколку училници ќе бидат завршени овој викенд и јас верувам дека директорката ќе ја почне наставата од понеделник, нека биде и вторник, тогаш сите ученици ќе може да одат со физичко присуство – додаде Јаневска.