МОН ќе работи за инклузивност во образованието


Подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е врвен приоритет на Министерството за образование и наука и на Владата на Република Северна Македонија. Како оваа определба што поуспешно да се преточи во воспитно-образовниот процес, денес, на работна средба, разговараа министерот за образование и наука Јетон Шаќири, Спасе Додевски, советник на Претседателот на Владата задолжен за здравствена заштита, образование, социјална заштита и институционален систем за лица со попреченост и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, како и Лидија Крстевска Дојчиновска, државен советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата.

„Создавањето општество во кое никој нема да биде отфрлен е долготраен процес, кој вклучува сериозни вложувања на сите нивоа на националниот образовен систем и истовремено менување на општествената перцепција за лицата со попреченост. Како Министерство, продолжуваме со инвестициите во подобрувањето на пристапноста и достапноста на образовните институции како и во наставните содржини“, нагласи министерот Шаќири.  

На средбата се разговараше и за потребата од подигнување на капацитетите на наставниот кадар и стручните соработници преку обуки за инклузивно образование и работа со ученици со посебни образовни потреби. Беше истакната и подготвеноста за отворање на дебата со високообразовните установи и сите други заинтересирани страни за текот на инклузивниот процес во државата, но и за компатибилноста на наставните програми и курикулумите по кои се образуваат идните наставници и стручни соработници и за можностите за нивно прилагодување и внесување на нови содржини кои ќе го помогнат инклузивниот процес во иднина.

Поаѓајќи од фактот дека правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право на секој поединец, соговорниците се согласија дека како општество и институции, сите заедно, треба да работиме на негово обезбедување и за децата со попреченост.