МОН ќе прифати укинување на маските во училиштата ако така препорача Комисијата


Фото: Б. Грданоски

Кога Комисијата за заразни болести ќе препорача дека учениците не треба да носат заштитни маски во училиштата, Министерството за образование и наука тоа ќе го прифати. Јас  можам да побарам, но факторот што одлучува е Комисијата, рече  министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Во одговор на новинарско прашања дали со оглед на малиот број заразени со коронавирусот МОН може да побара укинување на маските, тој додаде дека Комисијата треба да процени дали маските, како што рече, веќе не се толку важни и да донесе позитивна одлука.

– Комисијата  во последниот период имаше препораки за олеснувања на некои мерки. За мене е многу важен фактор скринингот што го реализираше Министерството за здравство со Комисијата за заразни болести, кој ни покажа дека имаме добро почитување на мерките од страна на децата и многу мал број заразени деца, изјави Шаќири пред почетокот на конференцијата за твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка за квалификации“.