MOН: Исплата на три стипендии до прва половина на јануари


Фото: Б. Богдановска

По исплатата на студенскиот оброк студентите од утре треба да очекуваат и исплата на стипендии од страна на Министерството за образование и наука. Од таму  велат дека исплатата започнува етапно, а ќе заврши до првата половина на јануари.

– Од петок ќе се исплатат средствата за одредени категории на стипендии, а потоа од понеделник ќе продолжи и исплатата на останатите. До прва половина на јануари ќе бидат исплатени сите постојни корисници на стипендија за три месеци- велат од МОН.

Годинава пониските стипендии што ги земаат студентите ќе бидат изедначени на повисокиот износ, а изедначување ќе има и кај ученичките стипендии.

Проблемот со стипендиите се актуелизираше минатото лето кога беше најавено покачување на сите студентски стипендии кои дотогаш изнесуваа околу 3.000 или 4.000 денари на 6.050 денари. Кога МОН го објави конкурсот лани во септември, стана јасно дека повисоките стипендии ќе важат само за студентите што ќе аплицираат почнувајќи од академската 2021/2022 година, додека оние студенти што аплицирале за стипендија во некоја од претходните академски години, ќе продолжат да ги земаат старите и пониски суми.Од оваа година сумата ќе биде изедначена.